Бојкот на наставата и во подрачното основно училиште Рајко Жинзифов во велешката населба Превалец
Четириесет и пет деца од прво до петто одделение денеска и утре нема да одат на училиште. Нивните родители не сакаат тие да учат во комбинирани паралелки. Бараат подобри услови во старата училишна зграда и наместо во селото Горно Оризари, каде по реон спаѓа училиштето, децата после петто одделение да учат во некое од градските училишта. Токму поради овие проблеми, уште шеесетина деца од населбата учат во училишта во Велес.
„Токму поради таа реонизација, нашите деца немаат бесплатен превоз до училиштата во градот, бидејќи според реон ние сме припаѓале под училиштето во село Горно Оризари. Па ние не ли сме граѓани на оваа држава, нели плаќаме данок. Има училишта во градот и кој ни се поблиску од ова во село Горно Оризари, рече Љупчо Димитров, родител на ученик во училиштето во Превалец.
„Условите во и околу зградава на ова училиште ги тера родителите своите деца да ги запишуваат во училиштата во градот, и трошоците за превоз паѓаат на наш товар,“ рече Анѓел Иванов, родител на ученик во Превалец.
Надлежните институции се децидни, подрачното училиште и натаму останува дел од училиштето во село Горно Оризари. Тие нема да го прифатат ниту барањето на родителите децата да учат во чисти паралелки, бидејќи според нив нема доволен број на ученици.
„Реонизација нема да има, бидејќи веќе е почната учебната година а тоа е процедура. Ние сега треба да мислиме за процесот на наставата. Не смееме да дозволиме, децата да отсуствуваат од часови. Овде сега учат шест првачиња, од оваа населба во градот има уште девет. Кога би имале 15 деца тогаш можеме да направиме паралелка, ама под законскиот минимум не можеме да дозволиме,“ рече градоначалник на Велес, Славчо Чадиев.
„Последните показатели покажуваат дека во ова училиште не може да има чисти паралелки, бидејќи нема доволен број на ученици. Јас морам да работам во рамките на моите законски надлежности, “рече директор на ОУ Рајко Жинзифов, Рамо Биберовиќ.
Со години жителите на градската населба се соочуваат со овој проблем. Тие велат дека досега многупати се обратиле кај надлежните, но засега немало решение.
Пред три години дури им ветиле дека децата што ги посетуваат училиштата во градот ќе имаат бесплатен превоз, но и од тоа ништо. Денеска безуспешен беше обидот на директорот на училиштето, да ги разубеди родителите и децата да се вратат на настава. Родителите не ги пуштија./Д.С
