Црн понеделник на патиштата околу Велес
Црн понеделник, вчера, на патиштата околу Велес. Сообраќајна несреќа се случи претпладнето во близина на крстосницата за село Отовица. Педесет и две годишниот Д.Ц. кој управувал со автомобил марка „Даеву ланос“, од засега неутврдени причини, движејќи се од Велес кон езеро Младост, поминал на левата страна од патот и удрил во металната заштитна ограда. По незгодата велешанецот е пренесен во болница каде му е укажана лекарска помош. За среќа поминал со полесни повреди. Увид на местото на несреќата изврши јавен обвинител и екипа на СВР Велес.
Речиси два часа порано сообраќајна несреќа се случи и на патот Велес-езеро Младост пред управата на Македонија пат. До несреќата дошло кога се судриле автомобил марка Голф со германски регистарски ознаки, управуван од седумдесет и едногодишен тетовчанец и автомобил марка шкода фелиција со кој управувал четириесет и четири годишен жител на село Мамутчево. Освен возачот во шкодата имало уште четворица патници, сите беа пренесени во велешката болница. Причините за несреќата ги утврдува јавен обвинител и полицијата.
Најтешки последици имаат седуммината патници во сообраќајната несреќа што вчера се случи на автопатот Скопје – Велес кога во близина на тунелот кај Катланово директно се судрија автомобил, марка голф со косовски регистарски таблички и мерцедес со велешки таблички во кој патуваше семејство од Кавадарци. Возачот, странски државјанин, се движел во контра насока по автопатската делница. Од увидот на лице место ќе се утврдуваат причините за несреќата. Инаку сите седуммина патници, од двата автомобили, беа донесени во велешката болница а потоа препратени на клиниките во Скопје. Најтешко повредена е жена на возраст од 31 година од Кавадарци и седумгодишно дете од Урошевац, Косово /Д.С
