Од минатонеделниот пороен дожд се урна ѕид во трошната куќарка на Усеинови
Наврнати и накиснати, вака живее семејството Усеинови од Велес во изминативе неколку дена. Кога минатата недела во Велес заврна најголемиот дожд ним им паднал ѕидот во една од двете соби во трошната руинирана куќарка, на улицата „Благој Нечев“. Усеинови сега од дождот се штитат со најлон.
Влагата им го загрозува здравјето на сопружниците Икмет и Емине, длабоко навлезени во осумдесетата година од својот живот. Битката со дождот е нивно секојдневие, велат независно дали е ноќе или дење во кофи и лонци ја собираат дождовницата која влегува преку дупките во собите и ја исфрлаат надвор од скромниот дом.
„Многу врнеше и како што си седев се урна ѕидот, едно парче ми падна врз главата, за малку ќе ме убиеше. Најверојатно од дождот што силно пагаше минатата недела, рече Икмет. „Еве види, се е водено и влажно, постојано перам и сушам алишта, ама бадијала ништо не помага, внатре мириса на влага. А јас сум стара и изнемоштена, не можам повеќе да работам како што сум работела,“ рече Емине.
Усеинови живеат со пензијата на Икмет, но освен сопружниците, семејството го сочинуваат и две невработени ќерки. Тука е и синот на кого му починала жената со четирите внуци. Икмет и Емине велат тешко врзуваат крај со крај во месецот и затоа бараат помош.
„Бев во општината, од таму дојде еден човек, виде каде живееме и се запрепасти. Ни рече дека тој не е одговорен за вакви работи и дека тој што бил одговорен бил на одмор, па кога ќе се врател ќе видел што може да се стори. Малку барем да ни се помогне да го поправиме ѕидот, покривот и внатрешноста на собите,“ рече Емине.
Усеинови се плашат дека за нив идат уште потешки денови во зима, кога снегот и студот од сите страни ќе влегува во нивниот дом. Тие очајнички бараат помош./Д.С
