Две фурни и двајца фурнаџии, со децении го печеа лебот на Којничани
Фурнаџиите во Велес
Токму таму, на Којник, на широчинката покрај фурните на Ѓорѓи Нешов и Јаманди Алчев се случувале најзначајните настани од животот на граѓаните во овој дел на Велес. Се до шеесетите години од минатиот век домаќинките, дома меселе леб и на дрвена штица со прегради, го носеле на фурна за да се пече. Кај Ѓорѓија или кај Јамандија, кај еден од двајцата познати фурнаџии на Којник дневно се печеле по околу двеста сомуни леб.
Плоштад Којник
Фурнаџискиот ден почнувал со печење леб, продолжувал со тепсии колпиде,зелник, гозлеме, мазник потоа доаѓале на ред турли и елбасан тавите со месо, свински глави, грнињата со грав и пастрма, а завршувал со тепсиите со баклави. Во зима фурнаџиите печеле и пити пастрмајлии.
Во којничката фурна на Ѓорѓи Нешов секогаш било весело. Штом домаќинките ќе го земеле испечениот леб и ручек таму навраќале домаќините затоа што попладневните и вечерни часови најдобро се минеле низ муабет и сеир. Така се дознавале случките низ маалта и сокаците на Којник, Бузаана, Бричкова и Теќе. Често од фурната се слушала и песна поттикната од чашка ракија или вино а се наоѓало време и за смеа и за мајтап, раскажува синот на Ѓорѓија , Димче Нешов.
Димче Нешов, син на Ѓорѓи
„Татко ми фурната ја купи од стариот фурнаџија Тоде во 1941 година. Во неа работел како чирак, па калфа за на крајот да стане мајстор. Тој со работа почнуваше во три часот наутро, а дома се враќаше во доцните вечерни часови. Таква му беше работата. Наутро печеше леб по две фурни, а потоа му ги носеатавите за ручек, тепсии со сукано и благо“.
Ѓорѓија фурнаџискиот занает го засакал уште на дванаесетгодишна возраст. Имал двајца браќа кои биле земјоделци па семејството Нешови кое броело тринаесет члена живееле од фурнаџиство и земјоделство.
„Се сеќавам татко ми раскажуваше дека правел и симиди и гевреци. Но тоа се случувало само во денови кога имал помалку порачки за печење на леб. Од времето кога бил чирак и калфа раскажуваше како најредовен муштерија им бил Петре Прличко. Малиот Прличков доаѓал и од кепенецот си земал симит или ѓеврек понекогаш и крадешкум, без да плати. По недела или две татко му доаѓаше и плаќаше затоа му дозволувавме да си земе што сака, велеше татко ми,“ се присети Димче.
Фурнаџијата Ѓорѓи Нешов
Во фурната на Ѓорѓија леб носеле домаќинки не само од Којник туку и од Бузана, Бричкова и Теќе. Секое семејство имало свој знак кој го ставало на леботкако зрно грав, наут, една или две па и три вдлабнатини во самиот леб. Ѓорѓија ги познавал многу добро своите муштерии, а и нивните знаци па така ниту еднаш не бил доведен во заблуда да ги згреши испечениот леб, мазник, колпиде баклава и друго. Секогаш тие завршувале кај правиот сопственик.
„Имаше аџамии кои сакаа да го измамат татко ми но ниту еднаш не успеале. Се сеќавам на една случка, кога како дете му помагав, а во фурната дојде еден којничанец и рече дека треба да ја земе тепсијата со сукано на Гајдови. Татко ми го погледна а кога му кажа дека лаже тој побегна. Една квечерина, а тоа често се случуваше, еден муштерија донесе големо грне кое беше затворено и залепено со тесто. Го стави до мене. Се изненадив кога слушнав што има во грнето. Го прашав татко а тој ми рече “Што може да е друго од Димета Чучукот освен чорба од желка“. Инаку, за секоја услуга татко ми наплатуваше. Бидејќи луѓето немаа пари татко ми запишуваше во тетратки. Потоа вересијата се плаќаше. До скоро ги чував тетратките. Беа тоа чесни времиња и луѓе, никој не оставаше да не плати, но, морам да кажам дека и никој не беше измамен од страна на татко ми. Тој беше многу чесен човек па затоа сите го почитуваа“ се сеќава Диме.
Маалото на фурнаџијата Нешов
Ѓорѓи Нешов во фурната на Којник леб печеше до 1966 година. Штом се отвори фабриката „Жито Вардар“ , градскиот производител на леб и бели пецива, згаснаа фурните на Којник.
„Тогаш ми се чини му беше најтешко бидејќи не можеше да ја прифати реалноста и да стави катанец на фурната. Продолжи рано наутро да станува уште пред првата мугра, како што тоа со години го правеше кога одеше на фурна, а остануваше да седи во дворот и да го дочека утрото. Така беше се додека не почина, “ вели Димче.
Неговиот татко Ѓорѓија Нешов не бил единствен во Велес кој во средината на шеесеттите години на минатиот век ја затворил фурната. Тогаш тоа го сториле и останатите занаетчии чиј фурни постоеле и со децении печеле кај Прчиева чешма, на Теќе, во Долни Дуќани, кај Варналиите, во Дворови, кај Ан Брегалница и во уште дваесеттина други маала низ Велес. По две фурни во тоа време имало само на Којник и кај Читкушева чешма. Единствено денеска се сочувани токму последниве. Во едната од нив, кај Читкушева чешма, сеуште се пече домашен леб кој му пркоси на времето со традиционалниот мирис и вкус./С.А
На местото на денешниот маркет се наоѓала фурната на Ѓорги Нешов
На аголот од десната страна на маалото била фурната на Јаманди Алчев
Плоштад Којник
Плоштад Којник
