Свечена заклетва во велешката касарна „Алексо Демниевски Бауман“
Во дваесет и четвртата генерација на војници доброволци на АРМ има еден магистер по безбедност и детективство и еден дипломиран информатичар што работи како ловочувар. Тоа се војниците Маријана Столеска од Гостивар и војникот Александар Петковски од Чашка. Овие војници на свечената заклетва, што денеска се случи во Центарот на Командата за обука и доктрини во Велес, соопштија дека војничката униформа, дисциплина и стекнати искуства и знаења за нив претставуваат нов животен предизвик.
„ Во Армијата се пријавив затоа што ме привлекуваат работи кои што се помалку карактеристични за другите професии а тоа се редот, дисциплината и почитување на хиреархијата. Од секогаш ме привлекувала униформата и чест и гордост ми е што ја имам на себе. Исто така се пријавив за да покажам дека и ние девојките сме храбри и силни исто како и припадниците на појакиот пол. Дека можеме да застанеме рамо до рамо со нив и да се справиме со секој предизвик и ризик,“ рече м-р Столеска.
„ Овој е голем чекор за мене, сосема различен и мислам дека ќе ми отвори нова животна перспектива. Ова е големо искуство за мене. Јас сум вработен ловочувар. Обуката низ која ќе поминам овде во војничкиот Центар сметам дека ќе ми биде многу корисна почнувајки од ракувањето со оружје завршувајки со другите вештини кои треба да ги совладам,“ рече Петковски.
Војник Столеска е една од вкупно 14 девојки во октомвриската класа. Таа себе си се гледа како иден професионален војник во Армијата. Војник Петкоски е дел од вкупно 226 доброволци. Тој вели дека на 25 години го фатил последниот воз за да отслужи воен рок бидејќи тоа досега му била голема желба.
Денешната свечена заклетва на октомвриската класа на војници доброволци, во касарната „Алексо Демниевски бауман“ во Велес, прв им ја честита министерот за одбрана Зоран Јолевски.
„ Денес е посебен ден за Вас. Да се служи на татковината претставува највисок чин на патриотска должност и верување во највисоките човечки вредности. Со заклетвата Вие се обврзавте да го чувате и браните уставниот поредок, територијалниот интегритет и суверенитет на државата и да му служите на народот,“ рече Јолевски.
„Целокупниот Ваш труд, успех, и ангажирање ќе бидат вреднувани. Тоа ќе биде еден од елементите за понатамошна селекција за оние кои сакаат да ја изберат својата идна професија, како професионални војници и старешини во редовите на АРМ,“ рече командантот на касарната „Алексо Демниевски Бауман“.
Војниците доброволци свечената заклетва ја дадоа пред своите најблиски, членовите на семејствата, пред високи преставници на ГШ на АРМ, како и гости од институциите на градот Велес./ Д.С
