Се помалку облагородувачи на глина
„Грнчарството е најстариот занает во Велес, градот во 19 и 20 век имал над триесет мајстори грнчари и најголем дел од нив биле на Којник,“ започна да ја раскажува приказната за благородната душа на глината, мајсторот Борче Јанев. Oвој стар Којничанец додека со мислите шеташе низ кривулестите сокации и маала на Велес, се присети на грнчарите од чии стомни и бардаци стотици граѓани пиеле вода, во глинените бочви чувале жито и во тавите приготвувале храна. Од Којник каде стомните и бардаците од грнчарските колца и рацете на мајсторите Коце Ќускиев, Апостол Солев, Славејко на Љуба, Гоце Ежето и други за да ја угаснат жедта на жертварите, аргатите, занаетчиите и газдите преку Бузаана, Мегдан, Солено чешмиче до месноста Дворови, во центарот на градот, каде главни мајстори биле браќата Нешови, а најпознат од нив Иле. Од таму преку Вардар до Соколаана до работилницата на браќата Анде и Трајче Јавашеви.
„ И така беше се до појавата на порцеланот, стаклото и на крај пластиката од кои занаетот почна тивко да умира“, раскажуваше мајстор Борче.
„Никој повеќе не пие вода од стомна или бардаче. Времето си го направи своето а нашиот занает е скоро мртов затоа што на прсти се бројат мајсторите кои сеуште се борат за да ја зачуваат традицијата и едвај опстануваат. Никој не ни дава помош. Ич не ни е лесно, верувајте на глината да и се даде душа тоа е голема работа. Кога пиеш вода од стомна или бардаче таа има посебен вкус, незаменлив како и приготвениот грав, турли тава или пак испеченото месо во земјените тави,“ раскажува мајстор Борче додека ги проверува штотуку направените глинени садови во работилницата.
Ги покажува стомните и бардаците додека се сеќава на зборовите на своите сограѓани кога на пеколно жешки температури умееле да го пофалат поради ладната вода. Затоа во Велес доаѓале да ги купат граѓани од други градови а на мајсторијата се воодушевувале и странци. Овие садови за вода биле направени од квалитетна глина ископана од дупките во месноста Брца и со помош на мајсторство во подготвувањето и потоа во обликувањето на грнчарското колце се разликувале од останатите во државата. За тој уникатен квалитет ја користевме до ден денес омилената изрека „Од кал да си од Велес да си“, додава мајстор Борче.
„ Кај својот татко Апостол и кај мајстор Коце Ќускиев работел и Кочо Солев . Мене дедо Коце ми раскажувал како Кочо многу квалитетно и брзо работел, арно ама барал по завршување на работата веднаш да му се плати. Затоа со него сакале да работат поголем број од грнчарите во градот . Кочо не се согласувал и со неговиот татко кога тој не им плаќал веднаш на оние што му работеле па наместо кај него одел да работи кај други мајстори.“
Овој грнчар се сеќава на периодот од својот живот кога токму грнчарската умешност на познатите мајстори била пресудна и за изградбата на фабриката за порцелан „Борис Ќидрич“ и за фабриката за тули „Киро Ќучук“. Првите мајстори кои ги направиле ќерамичките производи биле токму најпознатите велешки грнчари.
„На глината да и дадеш душа не е лесно. Мора да имаш длабоки чувства и да го сакаш занаетот. Јас занаетот почнав да го учам уште кога имав десет години. Од училиште одев секој ден кај мајстор Тоде Орков. Сепак најмногу да го сакам занаетот ми помогна Ѓорѓи Левков, еден од сопствениците на фабриката за ќумци „Вила Зора“. Му немеше рамен мајсор за правење на бои и украска керамика. Се што научив сега му го пренесувам на мојот син Марјан, а и на моите два внука“, вели овој седумдесет и едно годишен мајстор.
Неговиот син Марјан и сега ја користи глината од месноста Брца. Ја копа и пренесува до дома на Којник, ја топи со вода и ја остава да одлежи. Потоа следува постапка на добро обработка, месење со раце, пред да биде употребена на грнчарското колце. Во работилницата на Јаневи се сушеа штотуку подготвените тави додека на рафтовите беа изложени стомни и бардачиња, украсни големи ќупови, вазни, пепелници и други производи што ги изработил Марјан. Меѓу нив имаше и глинена фурна. Ќе има ли кој да продолжи да ги прави, гласно праша мајстор Борче.
„ Во последниве години интерес за овој занает нема. Освен син ми во градот има уште само еден помлад грнчар. Занаетот е тежок но јас успеав син ми да го засака, глината да му биде составен дел на животот, да продолжи да ја одржува традицијата и да ја почитува душата на глината. Незнам дали тој ќе успее некому да ја пренесе грнчарската љубов. “
Тој не пропушти да каже како со особено внимание ги чека информациите во кои слуша и секоја година ги брои децата што во рамките на грнчарската работилница во куќата на Рацин го учат занаетот. Во раскажувањето го прекина неговиот внук Филип кој влезе во работилницата и седна на малото грнчарско колце а мајстор Борче му подаде топка глина и застана да надгледува како од малите раце на детето излегува украсен пепелник./С.А.
