Човечки судбини или непромислени потези
Животи на петмина мигранти од земјите на Блискиот исток завршија на железничките пруги во Велес. Ги прегазија возовите додека пеш одеа по пругите во потрага по подобро место за живеење. Животот на дваесет и две годишниот Авганистанец пред десетина дена заврши на пругата кај Згрополци. Не успеа да избега од канџите на смртта кога возот кој сообраќал на релација Гевгелија –Скопје удри директно во него и го усмрти. Трагедијата се случи пред очите на неговиот татко и четирите сестри.
Во обид барем малку да ја намали болката од несреќата што се случи, таткото се обиде да го закопа телото на синот со камењата од пругата и продолжил да оди по патот по кој тргнал. Но телото на младиот Авганистанец не остана таму. По истрагата на полицијата и расветлувањето на несреќата, бегалецот е погребан како што е ред на муслиманските гробишта кои се наоѓаат под црквата Св. Спас во Велес. Од секторот за внатрешни работи во Велес велат дека телото е погребано тука по желба на неговиот татко, кој сакал да се знае гробот на неговиот син кој прерано го загуби животот.
И вчерашната железничка несреќа во која животот го загуби уште еден млад мигрант ја растревожи велешката јавност. Пругата наспроти спортската сала Гемиџии беше последната дестинација на која стигна овој човек. И нему возот му го скрати патувањето но и животот. Но овој млад човек немаше документи со себе, не се знае неговиот идентитет ниту од која земја доаѓа, па најверојатно според информациите од полицијата ќе биде закопан на гробиштата во Раштани, на парцелата која е одредена за погребување на лица без идентитет.
Синоќа нова група од дваесеттина емигранти поминала по пругата низ центарот на Велес. Тешка е судбината на овие луѓе кои бегајќи од суровата војна во нивната татковина, транзит ја минат Македонија. Уште колкумина од нив ќе остават крвави траги на железничките пруги не се знае, но со сигурност се знае дека и нив има кој да ги жали и оплакува./Д.С
