Семејството Давчевски доби помош во храна, облека и постелнина
Стигнува помошта од хуманите луѓе за семејството Давчевски кои неодамна во пожар го изгубија домот. Помош во храна, постелнина и облека денеска добија од фирмата „Аронија, здрава храна“. Вработените на фирмата започнаа хуманитарна акција со цел да ги поттикнат и останатите граѓани колку можат да му помогнат на седумчленото семејство кое остана без покрив над глава, облека, мебел и апарати за домаќинството.
„ Оваа хуманитарна акција ја започнавме со цел да ги поттикнеме граѓаните кој колку може и има било тоа да е во облека, храна, играчки или пари да ги донесат во продавниците на Биокосмос. Ние потоа организирано ќе им ја доставиме помошта на семејството Давчеви,“ рече Македонка Пановска, вработена во фирмата.
„Ние ќе испратиме и известување до останатите компании се со цел да им помогнеме на овие луѓе кои го изгубија својот дом, рече Анита Стиоќ, менаџер на фирмата.
Неодамна Давчевски помош добија и од градежна компанија која донираше материјал за изградба на уништената куќа. Сега се бараат работници кои ќе помогнат одново да се изѕида куќата.
„Градежен материјал има но немам работници кои ќе ни ја изградат куќата. Сега тоа ми е најопходно, за да можеме што побрзо да се вселиме во нашата куќа,“ рече Велибор Давчевски.
Пред десетина дена до темел изгоре семејната куќа на Давчевски. Изгубија се што имаа, среќа во несреќата беше што соседите веднаш изреагираа и ги спасија четирите малолетни деца. Сега Давчевски живеат во куќата на сестрата на Велибор. Но се надеваат дека наскоро со помошта на хуманите луѓе и општината повторно ќе се вселат во својот дом./Д.С
