Екс заштитениот сведок во случајот Ореше, Златко Арсовски е зад решетки

Објавено на 13 ноември, 2014 во 14:30

Полицијата го пронајде вчера попладне во Скопје и е приведен во истражниот затвор Шутка. Таму ќе остане до крајот на месецов. На 26 ноември е закажан главниот претрес на кој треба да одговара за давање лажен исказ во случајот платено убиство на старецот од Ореше . Судијата кој го води предметот ќе треба да одлучи дали притворот ќе му биде продолжен, бидејќи тој како сведок треба да се појави во уште два предмети.

„Златко Арсовски како сведок треба да се појави на уште две главни расправи во судот. Едниот е закажан за 28 ноември, другиот за први декември. Доколку Арсовски остане во притвор ќе бараме согласност од судијата кој го води предметот да биде доведен за овие два предмети. Во спротивно ќе треба да се спроведе одлуката за присилно доведување,“ рече портпаролката на велешкиот суд, Габриела Гајдова.

Притвор за Арсовски одреди велешкиот суд откако тој и по четири наредби за присилно доведување не се појави на главната расправа. Инаку Арсовски беше заштитен сведок во случајот Ореше. Неговиот исказ беше клучен за второобвинетите за убиството на старецот, браќата Ѓорѓиевски, кои беа осудени на по 12 години затвор. Но подоцна го смени исказот, го откри идентитетот и тврдеше дека дал лажна изјава под притисок што го смени целиот тек на судењето и резултираше со ослободителна пресуда за Љупчо и Ордан Ѓорѓиевски. Но Апелација ја укина ваквата пресуда и случајот Ореше по четврти пат се најде пред велешкиот суд./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.