Велешки Киро Ќучук повторно не се продаде
На продажбата не се јавила ниту една заинтересирана компанија иако фабриката се продаваше без почетна цена според новиот Закон за заклучување на стечајна постапка кој стапи во сила од јануари годинава. Стечајниот управник, според законот во најскоро време треба да го распише вториот оглас. Ако и тогаш не се јави купувач целиот имот на фабриката ќе им биде распределен на доверителите според нивните побарувања.
Продажбата ќе се реализира на истиот начин како и на првиот оглас, фирмата ќе се продава по пат на електронска аукција без почетна цена. Собранието на доверители ќе одлучува кој ќе биде идниот сопственик на компанијата доколку на огласот се јават повеќе заинтересирани купувачи.
Најголем доверител на керамичката индустрија е Управата за јавни приходи. Нејзе фабриката и должи над шест милиони евра.
Некогаш во велешки Киро Ќучук работеа над осумстотини работници кои годишно произведуваа по 120 милиони единици тенкоѕидни градежни елементи и 1,5 милион метри ферт гредички. Производите освен на пазарите во Македонија се продаваа и во Србија, Косово, Црна Гора и Албанија./С.А
