Велешката компанија Брако го произведе првиот македонски камион

Објавено на 15 ноември, 2014 во 16:02

Овој специјализиран еколошки камион наречен свипер е наменет за вакумско чистење на градските улици. Сите негови составни делови се произведени во погоните на Брако. Возилото има висок капацитет со можност да исчисти над 70 илјади метри квадратни на час, користи вакумски систем за собирање на отпадот и овозможува максимален ефект во чистењето.

 

„Ова не е едноставен камион само за товарање отпад туку тој е специјализиран за комунални сервиси. Направен е од повеќе електронски хидраулични компоненти. За да излезе овој готов производ навистина требаше време, значи нашите стручни екипи минатото лето се обучуваа за монтажа на камионот во Пјаченца Италија, но сепак произведовме на крај еден комплетен производ, рече претседателот на Бордот на директори на „Брако“, Кочо Анѓушев.

Еколошкиот камион кој работи врз база на метли и целосно го сузбива правот и нечистотијата без траги е резултат на тригодишната соработка меѓу велешката и италијанската компанија Биострада.

„Наша главна цел беше да ги намалиме трошоците и да се наметнеме на пазарот и мислам дека направивме одлична заедничка работа. Тука наидовме на многу добро подготвени и остручени луѓе и направивме добар производ, рече Алесандро Енџоли од италијанска „Биострада“.

Ова е прв проект на заедничка соработка меѓу домашна и странска компанија, чиј производ ќе се извезува на странските пазари. Станува збор за технолошко софистициран производ составен од голем број компоненти, кои наместо да се увезуваат од странство, ќе се произведуваат во македонските компании.

„Денеска слушнав и за една акција за која што поголем број од сегашните компоненти кои се вградуваат а се набавуваат од странство да с епроизведуваат тука во земјава. И тоа е една од определбите на Владата да македонските компании преку нивната соработка со странските компании да пренесат голем дел од производството тука во Македонија и да се отворат нови работни места, рече вицепремиерот Владимир Пешевски.

За производството на овој камион заслужни се младите инжењери на Брако. Инаку првите произведени камиони ќе завршат на пазарите во Катар и Италија. Но не се исклучува можноста вакви камиони да се најдат и низ улиците во државава./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.