ЦЗС: Водостојот на реките се зголемува но ситуацијата е под контрола

Објавено на 19 ноември, 2014 во 11:35

Опасност од полави нема, уверуваат од подрачната единица на центарот за заштита и спасување во Велес. Интензивните врнежи од дожд изминатата ноќ ги наполнија коритата на реките во Велес, па нивото на водата драстично се зголеми. Засега поплави нема, но состојбата е критична на неколку места во градот. Екипите на центарот се постојано на терен и го мерат нивото на водата и степенот на опасност. Од таму велат дека се уште нема место за паника но апелираат до граѓаните да ги заштитат своите материјални добра и стока особено оние чии имоти се наоѓаат во непосредна близина на речното корито на Вардар.

„Ситуацијата не е алармантна но сепак апелирам до жителите кои имаат имот покрај реката да си го заштитат соодветно, бидејќи не се знае дали во текот на денот ќе има интензивни врнежи од дожд. Ние сме постојано на терен и ја следиме ситуацијата и засега нема простор за паника, рече Билјана Симова од Центарот за заштита и спасување Велес.

Според нивните информации Бабуна е излеана во долниот тек, поточно кај игралиштето, викендиците а зголемениот водостој е критичен и по течението на неколку околни села. Од дождот се излеа и реката Тополка кај населбата Превалец и поплави една нива, а внимателно се следи и состојбата со еден мост во населбата.

Висок водостој има и Вардар кај мостот во Башино Село каде водата се доближи до еден плац.Најмногу стравуваат жителите на населбите Речани и Шорка кои се плашат дека ако продолжи ваквото време, водата ќе им ги поплави нивите.

Поголема поплава имаше на крајот на февруари годинава кога Вардар се излеа и поплави околу 5,5 хектари земјоделски површини и направи штета од над 65 илјади евра./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.