СДСМ: Локалниот буџет не се полни според предвидувањата и не се рализирани ниту половина од планираните активности на општината
„Од основниот буџет на општина Велес се реализирани само 46 проценти за изминативе девет месеци од годинава. Тоа значи дека не се реализирани ниту половина од планираните активности на општината. Ова е сериозен проблем за кој власта треба да им одговори на граѓаните.“ Вака денеска реагираше советничката група на СДСМ. Според нив резултатите од реализираните проекти се очајни бидејќи за капитални проекти се потрошени само триесет проценти од планираните пари за девет месеци.
„Власта на ВМРО ДПМНЕ има обврска да им објасни на граѓаните на Велес дали биле реални ветувањата при носењето на буџетот за годинава. Реализирани се само 18 проценти од предвидените пари за урбанистичко планирање, дури ни еден процент нема реализација на уредување на просторот во руралните подрачја. Ова покажува дека општината не направила ништо за да ја уреди животната средина на велешани кои живеат во овие места,“ рече Благој Коларов, советник на СДСМ.
Опозицијата ја искритикува власта дека ги оставила жителите на населбата Порцеланка да се снабдуваат со вода за пиење од цистерна, бидејќи сработила само 22 проценти од планираното за снабдување на вода и не направила ништо за изградба на системи за водоснабдување од предвиденото за 2014 година.
Во исто време од советничката група на СДСМ ја повикаа локалната власт да одговори каде се парите за ветените но не остварени проекти во градот. Слична ситуација со ниска реализација на буџетот според СДСМ имало и минатата година. И тогаш за истиот период биле реализирани само 44 проценти од основниот буџет на општината./Д.С
