Мигрантите сакаат да останат во Македонија
Наместо да го продолжат патот до една од ветените земји во Европската Унија, бегалците од земјите на Блискиот исток посакуваат да останат во Македонија.
Групата од дваесетина мигранти што вчераутро беше откриена на железничката станица во Велес побарале азил во Македонија, информираат од МВР. Тие се превезувале со утринскиот воз од Гевгелија за Скопје и со себе имале билети. Но откако полицијата ги открила ги симнала од возот. Веднаш потоа откако се изјасниле дека сакаат да останат во земјава, префрлени се во прифатниот центар во Скопје.
Во изминатите неколку седмици бегалците се движеа пеш по пругите , но за само десетина дена во пет несреќи беа прегазени седуммина од нив. И деновиве можеа да се забележат бегалци кои се движат по железничките пруги, но оваа група решила да се заштити па регуларно се превезувала со воз. Не се знаат причините зошто овие бегалци се решиле наместо во некоја од земјите на Европската Унија да останат во Македонија. Сите тие се сместуваат во прифатниот центар во Скопје кој има капацитет од сто педесет лица. Некои од нив со недели претстојуваат таму, други пак за кратко се враќаат назад./Д.С
