Велешки урбани легенди: „Лифтот“ на мајстор Боно Џукле го заменил чиракот

Објавено на 8 февруари, 2015 во 10:14

Од плејадата шегаџии во Велес посебно место секако имаа молерот Боно Џуклето и неговиот ортак Влавчето. Во градот немаше некој што не ги знае, особено Џуклето. Тој беше секогаш расположен и подготвен да каже некоја шега. Бројни се неговите шеги кои се пренесуваат од генерации на генерации сограѓани па така и денес се раскажуваат помеѓу велешани. Тие секогаш кога ќе го спомнат Џуклето велат „ Успеваше да не насмее до солзи“. Денеска ќе спомнам еден од бисерите на овој шегаџија.

Со Џуклето и Влавчето се познавав лично. Тие од рано утро до пладне работеа, а потоа, посебно Влавчето, доаѓаше во мотелот на Интернационал на велешко езеро да игра табла. Таму често пиевме кафе. Од него можев понекогаш да слушнам што се случило кога дента некаде работеле. Џуклето пак, како што велат велешани, не му се знаеше крајот. Го имаше насекаде.

Двајцата мајстори работеле на последниот кат во станот на еден офицер на тогашната ЈНА во зграда во близина на полициската станица. Бидејќи имаа многу работа постојано ангажираа чираци. Тоа беа млади луѓе кои го учеа занаетот. Тие не бојадисуваа и фарбаа туку им помагаа на Боно и на Влавчето со носење на молерските алати, им ги подаваа, им даваа вода, им купуваа производи за тие да не прекинуваат со работа. А масторите за добро да им оди работата умееја да пивнат голтка ракија. И двајцата беа мераклии на добра голтка ракија. И тој ден Боно и Влавчето околу пладне го испратиле чиракот да им купи ракија.

„Доста ја мешаш варта во кофата. Ајде земи пари и оди купи половина литар ракија. И слушај ваму, јас да мислам дека одиш натаму, а ти веќе да се враќаш назад“ му рекол Џукле на чиракот и продолжил да работи.

Чиракот зел пари, го зел и шишето и заминал да купи ракија од една куќа која се наоѓала близу на зградата. Поминало повеќе од еден час, два часа а чиракот не се вратил. Кога Џуклето и Влавчето помислиле дека денот ќе мине и без чирак и без ракија тој се појавил на врата. Ниту еден од двајцата мајстори не му рекол ништо. Завршил работниот дел од денот, чиракот си заминал дома, а мајсторите седнале да размислат како да го поедностават „дотурот на стимулативното сретство за работа“ откако сватиле дека младото момче не е голем љубител на работа, молерај и фарбање, туку дека забушава. Потоа Џуклето го решил проблемот и отишол кај човекот што им продава ракија со кого склучил усмен договор.

Двајцата мајстори, наредниот ден продолжиле со работа како ништо претходно да не се случило.Чиракот чекал да биде испратен по ракија. Арно ама тоа не се случило. Во еден момент Џуклето од торбата извадил долго јаже , го врзал едниот крај на прозорецот, а на другиот врзал најлонско ќесе во кое ставил шише и пари. Потоа почнал полека да го спушта долу до приземјето на зградата.

„Мајсторе што правиш“, го прашал чиракот.

„Ќе видиш како од денеска ракијата ќе ни доаѓа преку лифт, а ти нема да се уморуваш да одиш горе – долу низ зградава“, одговорил Џукле.

„Ама мајсторе мене тоа не ми е тешко“, се оправдувал чиракот.

„Знам дека не ти е тешко но од тебе молер не бива зашто не сакаш да работиш“, одговорил  мајсторот.

По непони десетина минути мајстор Џукле го повлекол јажето и го зел шишето полно со ракија.

„Еве, сега бидејќи нашиот лифт добро работи ти повеќе нема да ни требаш“, му рекол  Џукле покажувајќи му на чиракот да си оди.

„Ама мајсторе!?“, реагирал чиракот.

„Ајде, ајде, како што од секое дрвце не бива свирче така и од тебе молер не бидува “, одговорил мајстор и му го подал шишето со ракија на Влавчето.

Чиракот видел невидел си заминал. А мајсторите, Џуклето и Влавчето, повеќе од две седмици, ги бојадисувале становите во зградата, без чирак и со  ракиичка се снабдувале преку „лифтот на Џуклето“.

 

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.