(ФОТО) Водостојот на Вардар, кај Велес, денеска еден метар понизок од вчера
Еден метар е понизок Вардар денеска кај Велес во споредба со синоќа. Водата се врати во речното корито во населбите Речани и Шорка. Од утринава во своите викенд куќи се и градинарите чии градини настрадаа во последната поплава.Тие денеска напладне добија и струја откако беше исклучена синоќа поради безбедност на трафостаницата во Шорка. По мостот во Башино село се одвива сообраќај од вчеравечер или по неколку часа откако беше воведена забраната, велат од подрачното одделение на Дирекцијата за кризи и спасување.
„Поплавниот бран помина кај Велес и состојбата полека се враќа под контрола. Последните информации се дека повисокиот воден бран сега мине на делот на Вардар од Градско до Демир Капија. До вечер се очекува да стигне во гевгелиско. Во делот на државата кој ние го следиме, значи од Велес до Градско можам да кажам дека водата полека се повлекува во речното корито, поточно во споредба со вчеравечер нивото е помало за еден метар,“ рече Билјана Симонова од ПО на Дирекцијата.
Полека во речнотот корито се враќа излеаната вода и во централниот градски парк во Велес, кај Железен мост, пред бирото за вработување и мостот „Гемиџии“ како и кај Мало мовче и Стар мост. Поплавниот бран зад себе остави десетици поплавени градини со ран зеленчук, овоштарници и десеттина куќи во населбите Речани, Шорка и две кај Башино село. /У.Ј
