Деветгодишната Тамара ја изгуби битката со болеста
Почина девет годишната Тамара од Велес. Не ја дочека операцијата која требаше да и биде извршена во странство. Смртта кај малото девојче настапила во раните утрински часови. Во итната медицинска помош на раце ја донеле мајка и и татко и очајно барајќи помош, вели д-р Јадранка Мишкова.
„Околу пест и петнаесет часот утрово детето на раце, пешки, го донесоа родителите без знаци на живот, без пулс и дишење. Веднаш почнавме со мерки на реанимација и по протокол постапено однесено со наше возило до болницата, ја известивме и службата за анестезија и педијатрија, меѓутоа уште од старт детето беше без пулс и со проширени зеници, рече д-р. Мишкова.
Веста за смртта на Тамара ја потврди и портпаролот на велешката болница, д-р Силвана Мишкова. И таму се обиделе да направат се за да ја повратат Тамара во живот, но не успеале. Од болницата велат дека нема да се бара обдукција врз телото на Тамара, бидејќи била донесена без знаци на живот.
Тамара боледуваше од искривување на рбетниот столб. Пред две години и беше извршена првата операција во Македонија, на која и беше вградена метална шипка за исправување на рбетот. Но со текот на времето Тамара ја израсна и доби исикривување на рбетот до 80 % и и се закануваше траен инвалидитет. Втората операција не можеше да се изврши во земјава поради недостиг на соодветна апаратура, па Тамара требаше под итно да се оперира во странство. Првично Фондот го одби барањето на семејството Димовски девојчето да се лекува во странство на сметка на државата, но по бројните апели и укажувања за тешката здравствена состојба на Тамара, министерството за здравство ја одобри операцијата.
Операцијата можеше да се изврши во Хрватска и истата чинеше триесет илјади евра, пари кои семејството на Тамара ги немаше. За помош на малата Тамара имаше отворено и жиро сметки а група граѓани организираше и хуманитарен концерт кој се одржа лани на дваесет и седми декември. За време на концертот Тамара беше највозбуденото и најсреќното дете, играше и пееше заедно со естрадните уметници кои доброволно прифатија да и помогнат. За жал Тамара не успеа, болеста и го одзеде животот.
Тамара ќе биде погребана утре во 12.30 часот на градските гробишта во црквата Св. Пантелејмон./Д.С
