Случајот Ореше стигна до завршните зборови
Ниту денеска не се прочитаа завршните зборови на јавниот обвинител и бранителите на обвинетите во случајот Ореше во велешкиот суд. Јавниот обвинител Славица Темелковски, поради обемноста на предметот побара дополнително време за подготвување на завршните зборови.
На денешниот главен претрес сведочеше Леонид Поп Тодоров, вработен во Секторот за внатрешни работи во Велес. Тој изјави дека бил повикан да отиде во Ореше бидејќи бил пронајден некаков предмет во истрагата за случајот. Заедно со уште еден колега се упатиле кон Ореше во попладневните часови го подигнал предметот, се вратил назад и утрото го дал на вештачење во Скопје. На местото каде што се наоѓал предметот, сведочеше дека биле присутни уште шест-седум припадници на Единицата за брзо распоредување.
Бранителот на првоосомничениот за убиството на старецот од Ореше, Ѓоре Петровски, побара да се изврши ДНК анализа на отпушокот од цигара кој бил пронајден на местото од каде се пукало, со оглед на тоа што првично било утврдено дека му припаѓа на женско лице.
Адокатот Коста Нојков побара да се изврши ДНК анализа на две жени за кои се сомнева дека нив им припаѓа отпушокот од цигарата. Едната од нив е сопругата на поранешниот заштитен сведок Билјана Арсовска, а другата е Маја Ѓурчиновска, посочи адвокатот. Но Судскиот совет го одби барањето на адвокатот.
Инаку седма година по ред нема разврска за контраверзниот случај Ореше, во кој беше убиен седумдесет и седум годишниот старец Лазо Милошевски. Осомничени за убиството се браќата Љупчо и Ордан Ѓорѓиевски, кој по четврти пат седнаа на обвинителна клупа во велешкиот суд, откако претходно Апелацискиот суд во Скопје прво ги прогласуваше за виновни а потоа на два пати донесе и ослободителна пресуда.
Пресврт во случајот направи тогаш заштитениот сведок Бреза, кој го откри идентитетот и го смени исказот. Случајот Ореше зад решетки стави и неколку адвокати и судија од Основен суд Велес.
Завршните зборови за случајот Ореше ќе се читаат на дваесети февруари годинава.
