Високиот водостој на Вардар, викендов, го урна и го однесе ограден ѕид на семејството Стојанови
Го нема повеќе ѕидот со кои беше ограден дворот на семејството Стојанови со коритото на реката Вардар. Последното покачување на водата, изминативе денови, ги однесе камењата и тулите а придонесе да попушти и терасата над малиот подрум до летната кујна и двете соби на улицата Кукушка бр. 52А во Велес. Тоа е последната штета што ја претрпе ова семејство чија куќа е на првата линија до реката.
„Секое поголемо покачување на нивото на водата во Вардар оставаше трага на ѕидот. Сме преживувале поплави и на подрумот, терасата и летните кујни. Овој пат беше најсилен, го однесе ѕидот, ги одвои скалите за качување на терасата и ја направи нестабилна. Веќе не се качувам на неа бидејќи ми е страв да не се урнеме во Вардар. Досега сами успевавме да ги направиме поправките. Сега веќе не можам да го поднесам финансискиот трошок,“ рече Јадранка Стојанова.
Таа сама живее во куќата што се наоѓа во горниот дел на дворот. И покрај тоа што е пензионерка објаснува дека инвалидската пензија ја наследила од покојниот сопруг и едвај успева со неа да ги покрие трошоците за огрев, храна и лекови.
„ За поправки повеќе немам пари а знам дека не смеам да оставам вака да не биде ограден дворот. Ќе мора овојпат да побарам помош од комисијата на општината каде слушам дека се поднесуваат барања за штети при елементарни непогоди. Еве јас се кажав па тие нека дојдат и нека видат на лице место, “ рече Стојанова.
Изминатиот викенд Вардар, во овој дел на населбата Дворови, се доближи сосема до градините на соседите на Стојанова, во дел од нив навлезе и зад себе остави кал и тиња. Но, силната вода го урна и го однесе само ѕидот на нејзиниот двор. На соседниот, на детската градинка, остави траги од влага./У.Ј
