Една жена изгоре и две семејства останаа без покрив над глава од пожарот во Дворови
Седумдесет и четири годишната Јелица Бошкова изгоре во пожарот што ноќеска го зафати нејзиниот дом на улицата Ѓоре Органџиев во населбата Дворови во Велес. Пожарот избувна триесетина минути по полноќ и за кратко време ја пеплоса куќата. Поради силниот ветар пламените јазици се прошириле и во соседната куќа, лепенка до опожарената, на семејството Јанушеви. И тие останаа без покрив над главата.
Во гаснењето на пожарот освен противпожарната единица, напомош притрчале и соседите кои со црева и кофи со вода се обидувале да го локализираат пожарот. При гаснењето повредени се уште шестмина, меѓу кои и командирот на противпожарната единица
„Во болницата примивме шестмина повредени од пожарот, но по укажаната прва помош четворица веднаш се пуштени додека двајца се задржани но и тие се со полесни повреди“, рече портпаролот на болница Велес, Силвана Мишкова.
Вистинска драма се случувала ноќеска во населбата. Пожарникарите успеале да ги евакуираат луѓето што биле во двете опожарени куќи но за жал поради изрушените лесвици кои го поврзувале долниот со горниот кат не успеале да ја спасат жената. Пожарот зафатил и дел од погоните на една текстилна фирма.
„Од прозорец е извлечено 16 годишно дете кое имало знаци на труење од чад и од страна на итната медицинска помош му е укажана помош. Но поради големиот пламен и рушење на скалите кои воделе до горниот кат каде што се наоѓала жената оневозможено е нејзино спасување и таа починала“, рече портпаролот на СВР Велес Анита Стојкова.
Две семејства останаа без покрив над главата. Пламените јазици кои достигнуваа и до десетина метри им проголтаа се што имаа. Освен двете куќи кои целосно се уништени, пожарот ги зафати и погоните на една текстилна фирма.
„Не разбудија од спиење, видовме големи пламени јазици и за половина час се изгоре и се се сруши. Влакно не остана од спратот, се што имавме покуќнина се изгоре. Страшно, на душманот да не му се случи вакво нешто. А сега што ќе биде, не знам, со Господ напред“, рече Јанушева.
Велешани се солидаризираа со настраданите семејства во големиот пожар. Уште утрово стигна помош во храна, облека, постелнина и хигиенски средства од Општинската организација на Црвен крст.
„Ние и утре ќе се ангажираме и ќе донираме хуманитарна помош на семејствата се со цел да им помогнеме бидејќи навистина ги задеси голема трагедија, рече секретарот на О.О на Црвен крст, Миле Маџаров.
Семејствата чии домови се целосно уништени ќе добијат еднократна парична помош од општината во висина од триесет илјади денари, а помош вети и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
„Уште денеска на сите три семејства ќе им доделам по триесет илјади денари. По проценката на штетата и советот ќе даде финансиска помош. По завршувањето на увид ќе се пристапи кон расчистување на просторот. Ќе помогнеме и во делот за кирија за луѓето кои им се уништија домовите“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
„Центарот за социјална работа во Велес и министерството за труд и социјала ќе одобри еднократна парична помош за овие семејства. Ќе ја следиме состојбата и ќе бараме поддршка од приватниот сектор и од граѓаните да помогнат овие луѓе повторно да имаат сопствен дом, рече Спасов.
Инаку и утринава пожарникарите ги локализираа остатоците од огнот, а полицијата се уште ги истражува причините за пожарот./Д.С
