Велешката полиција и Јавното обвинителство осомничија повеќемина поранешни раководители на велешки Транс Велес и Велеспром
Велешката полиција и Јавното обвинителство денеска поднесоа кривична пријава за злоупотреба на службена должност и овластување против сите членови на Одборот на директори на поранешен „Транс Велес“. Ги сомничат за финансиски злупотреби сторени пред десет години.
Осомничените С.К.С. државјанин на Р.Бугарија, И.Т. (1962) од Велес- извршен директор на Транс Велес АД Скопје, З.К. (1957) од Скопје, Л.Т.И. (1975) од Велес , С.Л. (1963) од Велес, Д.Л. (1957) од Велес, Н.Л. (1965) од Велес и Н.Н. (1963) од Велес, според обвинителството и полицијата, сториле кривично дело затоа што заложувале и продавале имот на фирмата без претходно да отворат стечајна постапка и да добијат поддршка од мнозинството акционери.
„Во 2005 година ја злоупотребиле службената положба и овластување на тој начин што, иако настапила околност за отворање стечајна постапка, истите донеле одлука а потоа и склучиле Анекс договор со кој се одобрува ставање на дополнителна хипотека на недвижен имот проценет во износ од 307 800 евра, имот на „Транс Велес“ АД Скопје, како гаранција заради обезбедување на кредитно барање на „Тедико Илија“ ДООЕЛ Велес. Заради неисполнување на обврските од страна на „Тедико Илија“ ДООЕЛ по барање на доверителот Тутунска банка АД Скопје, спроведена е постапка за извршување врз недвижноста сопственост на Транс Велес АД Скопје, односно, извршена е продажба на недвижноста во вкупна вредност од над 300 000 евра, сума за која им нанеле значителна штета на останатите акционери на Транс Велес АД Скопје“, рече портпаролката на СВР Велес Анита Стојковска.
Полицијата и Јавното обвинителство исто така поднесоа кривична пријава и против поранешниот извршен директор на АД „Велеспром“ , Ј.С од Велес, поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Тој е осомничен дека во својство на овластено лице, извршен директор, во 2005 година постапил спротивно на Законот за трговски друштва, кога без одлука на надлежен орган на фирмата, самоиницијативно склучил штетен договор и отстапил побарување кое се однесува на реконструкција на дискотеката „Даун Таун“ во Стоковната куќа во корист на Транс Велес. Побарувањето изнесува над 100.000 евра и со него му нанел штета на Велеспром./У.Ј
