Тече рокот за поднесување на земјоделски барања за проценка на штета од поплавата во изминатиот викенд
Излевањето на водата од реките Вардар, Тополка и Бабуна изминатата недела направи значителни штети особено на земјоделските површини но досега само седуммина земјоделци од населбите Речани и Шорка поднеле барање до општинската комисија за проценка на штета. Тоа се уште имаат законско право да го сторат останатите на чии ниви, градини и овоштарници се прели Вардар минатиот викенд. Обештетување во вакви случаи не можеле да бараат само сопственици на куќи изградени покрај речниот слив затоа што законски не смеле таму да ги изградат.
„Ние имаме обврска да направиме стручна екипа во случајов комисија која излегува на лице место да направи увид и проценка на штетата, потоа да направи записник и да се достави до Владата на Република Македонија. Морам да кажам дека увидот трае подолго време бидејќи станува збор за големи површини. Комисијата досега секогаш излегувала на увид и со одредени финансиски суми им помагала на оние кои претрпеле штета од ваква или слична елементарна непогода, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Земјоделските површини со раноградинарски култури на велешките земјоделци многупати досега се наоѓале под вода кога ќе надојдат реките. Исто толку пати тие се обраќале за помош до локалните власти и ги пријавувале своите штети. На новинарско прашање зошто досега не се исплатени парите за обештетување на земјоделците чии ниви во велешко беа поплавени во 2007, во 2008, во 2010, во 2011 и во 2013 година градоначалникот одговори дека општината сторила се што било во нејзина надлежност додека на прашање зошто општината не може да добие информации кога ќе се случи исплата Чадиев рече дека единствено што можат е да напишат ургентно писмо.
Но досега ниту еден од градинарите и овоштари во Велес не добиле ниту денар обештетување. Поради тоа поголем дел од нив досега изјавуваа дека нема да поднесат барања бидејќи не се надеваат дека ќе ги добијат парите./Д.С
