Опозицијата и власта се препукуваат за протестот на Средношколскиот пленум

Објавено на 24 март, 2015 во 15:14

Професорите и директорите немаат никакво законско право да ги заклучуваат вратите на училиштата и да вршат притисоци врз учениците да не излегуваат на протест. Со вакви обвинувања денеска излезе велешката опозиција. Тоа што го направиле раководните лица и професорите, според опозицијата, е срам за институциите и го нарушуваат нивниот углед. Опозицијата денеска јавно ги повика директорите на Гимназијата и Економското училиште да се изјаснат за притисоците и прозивките врз учениците.

„ Ги повикуваме директорот на велешката Гимназија Сашко Андреев јавно да се изјасни за прозивките од страна на учениците за наводните негови притисоци и за срамот кој и е нанесен на најстарата Гимназија во Македонија. Ја повикуваме и директорката на економското училиште Нада Јованова јавно да се изјасни за срамот кој е нанесен на училиштето . За ова ќе ви суди историјата и ќе бидете запамтени како директори кои нанеле срам на овие две училишта, а за срамот некој мора да одговара. Училиштето не е ваш имот и да правите што сакате во него, да заклучувате врати тоа можете да го правите единствено во вашиот дом“, рече Борче Павлов, О.О. на СДСМ.

Директорите на двете прозвани училишта од опозицијата ги отфрлаат обвинувањата дека вршеле какви било притисоци врз учениците. Директорот на Гимназијата Сашко Андреев вели дека на денот на протестот вратите на училиштето биле отворени и секој ученик можел слободно да излезе на протест и да го изрази своето незадоволство. Тој застана во одбрана и на класните раководители и професори и смета дека тие не правеле никакви притисоци врз учениците.

„Во ниту еден момент на ниту еден ученик не сум му упатил никаква закана. Не верувам дека тоа го сториле и професорите. Сметам дека крајно време е политичките партии и политиката да ги тргнат рацете од образованието. Јас јавно ќе ги замолам сите претставници на политичкиот живот во нашиот град, во оваа Гимназија немаат влез“, рече Андреев.

Директорката на Економското училиште пак се бранеше со ставот дека објектот е под надзор на физичко обезбедување и тоа ги држи под клуч вратите на училиштето освен на големиот одмор и помеѓу четврти и петти час.

„Некаде околу 12 часот собрана е поголема група од ученици, која претходно ниту побарала ниту најавила во усна или писмена форма дека ќе оди на протест. Кога добив информација за настанот, веднаш вратите се отворија и учениците слободно заминаа. Меѓутоа од учениците што беа во холот, малкумина заминале на протест. Имам чувство дека истите беа изманипулирани и сакаа само да не одат на настава“, рече Нада Јованова.

Опозицијата го повика и градоначалникот Славчо Чадиев , да ги сикористи своите законски овластувања и да ги испита, како што рече, скандалите кои се случија за време на средношколскиот протест во градот, бидејќи станува збор за образовни а не казнено-поправни институции како и за малолетни лица а не за криминалци./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.