Наместо на земја да газат на асфалт сакаат станарите од населбата Хабитат
Веќе неколку години живеат во ново изградени станови, но пристап до нив немаат. Станарите на зградите од населбата Хабитат и по неколку години откако се вселија во становите, газат по земјен пат. Особено тешко е велат тие кога врне, па калта ја внесуваат во домовите. Се жалат и на прашината која од патот секојдневно се пренесува во становите. Тие бараат надлежните што поскоро да реагираат и да го асфалтираат патот и од долната и од горната страна на зградите.
„Се убаво, живееме во нови станови, но пат се уште немаме. Мораме да газиме по кал па чевлите да ги соблекуваме уште пред врата. Од кога ни ветуваа дека ќе го направат патот но за жал, се остана само на ветување,“ рече еден велешанец.
„Патот е катастрофа, од дупките си ја искршив колата, па морав сам да ги пополнувам. Од друга страна пак земјениот пат си го прави своето, кал, прашина, еден куп во домовите. Крајно време е надлежните да го асфалтират патот,“ рече друг велешанец.
Се додека не се изгради потпорен ѕид, не може да се асфалтира патот, велат од општината. Но според планот за работа, прво ќе се градел потпорниот ѕид на кружниот тек на влезот на градот, дури потоа во населбата Хабитат.
„Таму треба да се решат соодветни имотно-правни односи, ние тоа го завршуваме. налогот за потпорниот ѕид е даден. Без потпорен ѕид не може патот да го направиме. Тоа значи дека ќе мораме да отстраниме две-три гаражи на тоа место и тоа ќе го направиме во наредниот период. По завршувањето на потпорниот ѕид на кружниот тек, ќе се префрламе на решавање на потпорниот ѕид кај Хабитат и средување на првата улица,“ рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Зградите во населбата кои се наменети за домување на семејства со ниски примања ги изгради американската организација Хабитат, заедно со волонтерите и луѓето кои живеат во нив. Моментално се гради и петата зграда со 12 станови. Во процесот на изградбата учествуваа голем број на домашни и странски волонтери, меѓу кои и поранешниот и сегашниот американски Амбасадор во Македонија./Д.С
