Сестра Мита Петровска: „И останатиот медицински персонал, освен лекарите, заслужува награда од Мој Термин“

Објавено на 11 мај, 2015 во 13:43

Ситна и пргава и со големо срце. Секогаш со широка насмевка на лицето и во секој момент подготвена да им помогне на пациентите. Медицинската сестра во амбулантата за уво, нос и грло при општата болница во Велес , Мита Петровска, цели 43 години е во служба на пациентите. Најпрво како сестра во одделението за невропсихијатрија, потоа неколку години во интерното одделение, а најголемиот период од својот работен век го минала во одделението за уво, нос и грло како и во амбулантата за оториноларингологија. Пациентот секогаш е на прво место вели Петровска, нивното благодарам на крајот од работното време ја прави најсреќна, па исполнета и задоволна си заминува дома. Исклучително среќна е за признанието што викендов и го додели еснафското здружение и ја прогласи за најдобра медицинска сестра на годината, во Велес.

„Оваа награда многу ми значи и ме исполнува. Со големо задоволство ја примив иако не бев подготвена. Голема заслуга за сето ова што досега го постигнав имаат поранешната одделенската сестра во невропсихијатрија, Пандорка Шестакова со колешките сестри Менка Јовева и Илинка Соколова. Со големо задоволство си ја работам мојата работа, не се штедам. Секогаш се ставам во ситуација на пациентите на кои им е тешко и не е убаво да не бидат услужени. Морам да кажам дека голема поддршка имав и од семејството кое потполно ме разбираше за мојата професија“, рече Петровска.

Позитивните случки во досегашното долгогодишно работење на сестра Петровска се најбројни, но имало и незгодни ситуации кога пациентите не почитувајќи го „мој термин“знаеле да ја треснат вратата на заминување од амбулантата. Но, таа вели дека секогаш останува смирена додека пациентите умееле да си ја разберат грешката и и се извинувале. Затоа сестра Петровска смета дека не само докторите туку и останатиот медицински персонал треба да биде наградуван.

„Сестрата има многу обвсрки. За да стаса сиот тој материјал до докторот треба нејој да го спреми, без разлика дали е сестра или болничар. Ние сме болничари, сестри, администратори, фактуранти и благајници . Значи јас не зборувам лично за себе, има сестри кои работат и потешки работи како инструментарки или во шок соба, па добро е да има некаква стимулација и за тој персонал, да не биде запоставен. Досега наградувани се само лекар. Мислам дека здравството нема да има последици од тие симболични награди и за овој медицинскиот персонал,“ рече Петровска.

Во октомври годинава сестра Петровска заминува во пензија. Од неа со тешко срце ќе се разделат нејзините колешки на кои таа срдечно им порачува да останат доследни на својата професија, да бидат љубезни кон пациентите и совесно и коректно да си ја извршуваат работната задача. Само така вели таа се постигнуваат резултати, награди и признанија./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.