Велешани со поддршка на македонските полициски сили
Со краток марш од Панини до споменикот на Илинденците велешани и граѓанските здруженија вечерва со почеток од 19 часот ќе им оддадат почит на загинатите и повредените полицајци во акцијата во кумановската Дива населба, како и поддршка на македонските полициски сили. Тие сочувствуваат и жалат за загубата на осумтемина полицајци кои херојски загинаа во крвавата пресметка со терористите.
„Изразуваме длабоко сочувство и жалење за осумте херојски загинати полицајци на браникот на државата и триесетината повредени во престрелката со терористите. Вечно ќе останат длабоко врежани во нашата свест и историја. Од овде од револуционерниот Велес, од градот на Гемиџиите, испраќаме силна недвосмислена поддршка за македонската полиција и за македонските безбедносни сили. Истовремено изразуваме беспрекорна почит и признание за високата патриотска свест и пожртвуваност на сите учесници во акцијата за неутрализирање на терористичката група, рече претседателот на Граѓанската асоцијација „Разбој“ од Велес.
Граѓанските здруженија повикуваат на смиреност и мудрост кај луѓето во овие тешки моменти за државата, бидејќи како што велат единствено така ќе се сочува мирот, стабилноста и меѓуетничкиот соживот. Тие ги повикуваат велешани вечерва да им се придружат на маршот и на тој начин да им дадат поддршка на македонските безбедносни сили./Д.С
