Велешани маршираа и дадоа поддршка на македонската полиција (ФОТО)
Во градот на Гемиџиите стотици граѓани маршираа од Гимназијата до споменикот на Илинденците, во центарот на Велес, во чест на загинатите полицајци во престрелката со група терористи во кумановската Дива населба. Нивни колеги, граѓани, претставници на граѓански здруженија и на политички партии на маршот сочувствуваа со семејствата на загинатите. Скандираа „Македонија, Македонија“. Положија свежо цвеќе пред бистата на Илинденците. Вака им дадоа поддршка и на полицајците кои во критичните моменти застанаа на браникот на државата. На преставник на Секторот за внатрешни работи во Велес му го предадоа знамето на Македонија во знак на благодарност за грижата и заштитата.
„Ние знаеме дека ја имаме поддршката од народот но ова нас многу ни значи. За ваква поддршка, изразена преку волкав број на граѓани секако е голема чест,“ рече полицаец.
Во првиот ред пред колоната граѓани со македонското знаме во рацете се движеше и познатиот велешанец и македонски фудбалер Панче Ќумбев. Тој се надева дека загинатите полицајци ќе бидат последните жртви во државава.
„Пораката е една и јасна сите сложно и заедно да одиме кон подобар живот затоа што не сакаме наши деца, наши луѓе да гинат во нашата земја . Се надевам дека сите ќе сфатат дека овие луѓе кои застанаа во првите борбени редови се нашите херои и треба секогаш да ги славиме и почитуваме затоа што во вакви тешки моменти ќе смогнеме сили и ќе излеземе од оваа криза. Се надевам дека ова ќе биде последно вакво собирање,“ рече Панчев.
На сенародниот собир во знак на поддршка на македонските безбедносни сили присуствуваа и велешките бранители од конфликтот во 2001 година.
„Сакаме големо сочувство да им изразиме на фамилиите кои ги загубија своите синови и татковци. Знаеме да се обединиме и бараме единство кај народот бидејќи секогаш кога треба полицијата ќе излезе да го брани својот народ. Ви благодарам херои, бидејќи дадовте повторно придонес за државата за Република Македонија“, рече претседателот на Здружение на воени инвалиди 2001, Лазо Наумов.
Македонската полиција вечерва поддршка доби и од моторциклистите кои извозија почесен круг низ велешките улици.
Марш во чест на загинатите полицајци вечерва се одржа во дваесет и три градови низ државата./Д.С
