Државата на лице со посебни потреби му запре пари од нега за болен поради радиодифузна такса

Објавено на 14 мај, 2015 во 13:15

Без парите што ги добива за нега, во февруари годинава, останал велешанецот Димче Петровски. Му ги запреле за неплатени сметки за радио дифузна такса. Педесет и четиригодишниот Димче е лице со посебни потреби и за него единствено се грижи неговата мајка. Слобода вели дека на сметката на Димче за февруари наместо 4.200 имало само 600 денари. Таа побарала одговор од Центарот за социјални работи во Велес, од каде и рекле дека УЈП нема право да ги запира парите на лице кое според закон е ослободено од плаќање на радиодифузна такса. Слобода неколку пати досега поднесувала документи во Македонската радио телевизија за ослободување од плаќање на надоместот.

„Прашав и во Пошта, бидејќи од таму ги ни носеа дома парите. Ми рекоа дека тие не направиле ништо туку дека парите ги запреле од Скопје. Син ми има друго презиме и на негово име доаѓаа сметки од радиодифузија. Десет сметки беа неплатени . Лани поднесов документи да го ослободат од плаќање на радиодифузна такса. Повторно направив докумнети и ги поднесов во социјалното но нема одговор. Препорачано писмо со документи пратив и до Радиодифузија во Скопје но и од таму нема одговор. Цел месец одам од институција во институција, не е можно тие да не знаат што се случува,“ рече Слобода.

Мајката на Димче се надева дека институциите ќе ја поправат грешката и дека на синот ќе му ги вратат запрените 3.600 денари.

„Ако има правда би требало да ни ги вратат, ама тешко. Треба да фатам адвокат да тужам, никој не ми кажува што друго да правам. Ме препраќаат само од врата на врата ама ништо не можам да сторам. Ми велат да одам во Скопе, ама како да одам кога не можам, стара сум и болна и плус нема на кого да го оставам синот, бидејќи тој не може сам. А парите ни требаат, тој е болен сега има и дијабетис, па морам да купувам лекови. Пензијата што ја имам е мала и не стасува,“ рече Слобода.

За случајот на Петровски се обидовме да обезбедиме став на Центарот за социјални работи во Велес. Но од таму денеска не успеавме да дознаеме што ќе се случи со парите што на Димче му ги запреле од сметката за неплатени радиодифузни такси./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.