Стотици гладни, жедни и преморени мигранти, само ноќеска, поминаа низ Велес
„Дајте ни само вода и леб“ и велеа ноќеска стотици емигранти на велешанката Ленче кога се обидуваше да им ги подели кесињата со храна и малку гардероба на бегалците од Сирија кои одеа по пругата кон Скопје. Доаѓаа во помали и поголеми групи. Преморени мајки во прегратки носеа бебиња, мажи за раце држеа деца додека момчиња во шаките стегаа дрвени стапови. Сите беа гладни. Некој од нив без обувки. Но пешачеа, чекор по чекор по дрвените прагови и камења на шините на пругата.
Им требаше време за да ги разубеди повикот „Не се плашете, дојдете еве леб и вода“. Тоа најчесто им го извикува Ленче. Погледите на бегалците прелетуваа кон останатите кои стоевме понастрана од камениот ѕид со кој е оградена железничката пруга во велешката населба Дворови.
Еден бегалец пријде до ѕидот. Го доби кесето со леб, сардини, кечап, тегла ајвар, готова храна за еден оброк, фармерки и чорапи. Кога му го подадоа шишето со вода кон него тргнаа и неговите пријатели. Сите добија по едно кесе и едно шише со вода. „Благодариме, многу ви благодариме пријатели“, одговараа еден по еден. Еден од нив заплака потпрен на камениот ѕид. Полека почнаа да се палат светилките во околните куќи, на терасите излегуваа граѓани и довикуваа „Треба ли леб, треба ли вода?“.
Тоа ги вознемири бегалците. Тргнаа повторно да пешачат а некој и да бегаат. Им довикнаа „Не се плашете ние сме ви пријатели, вратете се.“ Не ги поколебаа, тие бегаа. Полека трчајки еден од нив праша „Има ли полиција? Ке ви направиме ли проблеми? Колку е далеку железничката станица?“
Додека ги прашувавме од каде се и каде патуваат тие одговараа дека се од Сирија и дека треба да стигнат во Германија.
„Стотици луѓе се, ако ви речам четиристотини може беа петстотини. Она што го имав јас го поделив. Тоа што го донесоа граѓаните исто така. Треба уште и храна и леб и вода. Потребна е летна гардероба, за возрасни и за деца,“ рече Ленче.
На бегалците може да им помогне секој добронамерен граѓанин. Нив многу им значи парче леб и вода. Потребни се поголеми количини затоа што поголем дел од бегалците се истрошени или ограбени, натепани, преморени. Тие се гладни но мирни и тивки. Одат и никому ништо лошо не прават. Плашливи се, тоа е нормално по случките со лицемерните нелуѓе и веќе знаат дека на нивната тешка судбина лоши луѓе печалат пари. Добронамерните граѓани кои сакаат да помогнат можат своите донации да ги оставаат кај Ленче Здравкин во Велес.
Убавка Јаневска
