Промовирана пешачка патека од Горно Јаболчиште до Папрадиште

Објавено на 18 мај, 2015 во 12:03

Преку пешачка тура со над осумдесетина планинари и рекреативци од Велес, Чашка, Прилеп, Берово и Скопје викендов се промовираше пешачката патека од село Горно Јаболчиште преку Нежилово до Папрадиште. Патеката дплга 15 километри е маркирана и одбележана со стандардната кнефелцова маркација во црвено-бела боја. Дводневната пешачка тура во организација на ЕГ Грин Пауер, планинарскиот дом Папрадиште и Здружението на граѓани Амбиенталист од Горно Јаболчиште стартуваше од селото Јаболчиште и на учесниците им овозможи да поминат низ прекрасен предел од левата страна на Солунска Глава.

„Во светот и во европски рамки маркирањето патеки и формирањето на нови планинарски патеки е неколку децениска пракса . Ние последниве години почнуваме да вложуваме во ова така што ова е само почеток. Во иднина се планира оваа патека да продолжува кон планинарскиот дом Караџица и на тој начин и двата планинарски дома и Папрадиште и Караџица ќе ги споиме планински што значи ќе им овозможиме на сите планинари и љубители на планината во еден викед да преминат три општини, да спијат во два планинарски дома и одлично да се чувствуваат“, рече претседателот на ЕГ Грин Пауер Игор Смилев.

Во последните неколку години еколошката групација прави напори да се маркираат и одбележуваат пешачки патеки низ планинскиот предел на Азот и на тој начин да го популаризира рекреативното и планинарското пешачење. Со маркацијата се овозможува безбедно движење низ планината без шанса да се залута, велат организаторите.

„Минатиот месец промовиравме уште една патека од Богомила преку Капиново, Нежилово , Папрадиште, патека која досега ја користеа само ловџии, можеби по некој сточар и овчар. Ние ја искомерцијализиравме и ја доближивме до поширокиот аудиториум. Луѓето беа вџашени од глетката заради тоа што одиш во засекот помеѓу два планински масива Даутица и Јакупица и постојано се движиш низ тој срт така да и од лево и од десно вознемирувачка убава глетка се простира од двете страни. и тоа е нешто што оваа патека ја прави една од најубавите“, рече Смилев.

Маркирањето и одбележувањето на пешачките патеки се прави со финансиска поддршка на Агенцијата за поддршка на руралниот туризам . Со нејзина помош досега се одбележани илјадници километри пешачки патеки низ Македонија./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.