Десетина велешки семејства не можат да си влезат во лозјата поради блокиран пат

Објавено на 18 мај, 2015 во 14:04

Десеттина велешки  семејства немаат пристап до своите лозја и викендици,што се наоѓаат на десната страна на регионалниот пат Велес-Штип, неколку метри пред Градската депонија, откако пред неполн месец сопственикот на плацот низ кој поминуваше патот го блокираше нафрлувајќи купишта земја. Сега сопствениците на лозјата не можат со автомобил да дојдат до плацовите туку мораат пеш да се искачуваат по стрмното горниште. Револтирани велат дека патот е блокиран токму во време кога се обработуваат лозјата и на раце мораат да ги носат копачите, мотиките и тубите со вода.

„До пред еден месец со колата си одев до лозјето. Сега не можам бидејќи патот е блокиран. На раце морам да носам се што ми е потребно за да го работам лозјето. И не е блиску туку е стрмно и далеку,“ рече сопственик на лозје.

„Еве сега треба да го прскам лозјето и морам вода да однесам, а како да ја однесам кога не можам на раце, не се две или пет литра туку со тони ми треба вода. Ова е навистина срамно и нехумано. Од патот треба пешки да се искачувам со толкав товар, невозможно е “, вели револтиран велешанец.

Од општината од каде побаравме одговор за проблемот на овие граѓани рекоа дека ќе излезат на терен и ќе проверат како дошло до новонастанатата ситуација на патот. Така дознавме дека министерството за економија издало концесија за ископ на земја потребна за изградба на регионалниот пат Велес – Штип. Но, денеска газдата на градежната фирма „Изгрев“ кого сопствениците на лозјата го посочија дека го вршел ископот, вели дека тој не е концесионер туку е сопственик на плацот низ кој поминува земјениот пат до лозјата. Љупчо Ѓоргиев е категоричен дека нема да го одблокира патот бидејќи платил илјада евра за да го исфрли отпадот што со години таму се фрлал.

Мене ми дојде инспекција. Јас морав да го исфрлам отпадот и за тоа платив илјада евра. Ако го ослободам патот повторно некој ќе фрла отпад тука и јас пак ќе треба да го изнесувам од плацот. Ако ми се вратат тие илјада евра, што ги дадов за расчистување на местото тогаш ќе го одблокирам инаку тоа нема да го сторам, рече сопственикот на „Изгрев“, Љупчо Ѓоргиев.

Дел од сопствениците на лозјата веќе почнаа на раце да ги носат тубите со вода за да ги испрскаат виновите лози, но велат дека ќе бидат упорни до крај, патот да биде расчистен од купиштето земја./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.