Затрупаниот земјен пат кај велешката депонија е јавен и ќе треба да се расчисти
Само се граничи со плацот на сопственикот на градежната фирма „Изгрев“, Љупчо Ѓорѓиев, затрупаниот пат што води до лозјата на десетина велешки семејства, велат од општина. Тоа го покажале увидот на лице место и проверката во катастраската евиденција на општинските служби откако вчера побаравме да проверат дали спорниот пат минува низ плацот на Ѓорѓиев и ако е тоа така како ќе го решат проблемот на засегнатите граѓани.
Портпаролот на општина Велес Мартин Мајсторов денеска вели дека тие ќе му укажат на Ѓорѓиев дека патот треба да го врати во првобитната состојба.
„Ние проверивме во Катастра и тој пат е јавен. За тоа ќе го информираме Ѓорѓиев и ќе побараме од него да ја расчисти натрупаната земја и да им овозможи на граѓаните пристап до лозјата и викендиците“, рече Мајсторов.
Проблемот со затрупаниот пат вчера го актуелизираа десетина велешани чии лозја се наоѓаат во близина на градската депонија, покрај регионалниот пат Велес-Штип. Тие денеска очигледно задоволни велат дека очекуваат уште деновиве патот да биде одблокиран поради тоа што е започната сезоната на прскање на лозјата.
„Очекуваме најскоро што може да се тргне купот земја од патот затоа што мораме да ги прскаме лозјата. Таму немаме вода и ќе мораме да ја донесиме на раце. Но не станува збор за пет или десет литри вода туку ни требаат со тони“, рече еден од сопствениците на лозје“.
Блокираниот пат беше единствениот пристап до имотите на овие граѓани. Со земја им го затрупа сопственикот на плацот покрај патот бидејќи како што рече платил илјада евра да го исфрли отпадот што со години се фрлал таму. Тој беше категоричен дека нема да го одблокира патот се додека не му се вратат парите што ги дал за расчистување на отпадот./Д.С
