Семеен лекар наскоро ќе ги лекува граѓаните
На велешанецот Марин Ќупев многу не му значи дали ќе оди кај матичен или кај семеен лекар. Овој работник во велешката фабрика за шински возила „Колска“ не добива редовно плата и секогаш не може да се лекува преку Фондот за здравство. И покрај седумдесет пати даруваната крв Марин покажува потврди со кои плаќал за минатонеделните потреби од лекување во Скопје. Затоа вели дека единствено редовното земање плата за него значи можност соодветно да се лекува.
„Ние од матичните лекари сме задоволни а не сме задоволни од фирмите бидејќи не ни плаќаат редовно здравствено осигурување. Од Колска сум, бев на преглед во Скопје и платив 2.800 денари. Плата не сум примил за месец март а сега сме мај. Матичниот ми дава упат ама за џабе јас треба да платам на приватно и преглед и лековите кои ми ги препишуваат на рецепти,“ рече Ќупев.
Тој денеска беше меѓу првите граѓани кои во Велес ја искористија можноста за бесплатно мерење притисок и шекер во крвта. Ги слушаше и советите на лекарите кои дојдоа во градот и на колегите им помогнаа во работата на отворено токму на одбележувањето на Светскиот ден на семејни лекари. Горица Зафировска Пировска, специјалист по семејна медицина ја искажа важноста на семејните лекари велејќи дека тие треба да бидат основа на секој здравствен систем.
„Се трудиме со здравствените реформи тоа да го постигнеме. Засега имаме веќе 300 специјализирани лекари по семејна медицина. Тие се едуцирани и умеат да ги задоволат здравствените потреби на пациентите во најголем процент. Пациентите ќе доаѓаат кај него но тој ќе владее повеќе вештини во лекувањето бидејќи ќе има повеќе знаења сообразено со европските стандарди,“ рече д-р Зафировска Пировска.
Таа е член на управниот одбор на еснафското здружение на семејни лекари. Објаснувајќи ја суштината на постоењето на семејните лекари, д-р Зафировска Пировска, рече дека овој профил на здравствени работници во иднина ќе треба дома да ги посетува пациентите притоа со поголема можност да им пружи квалитетна здравствена услуга.
Оваа практика е застапена и во Европа но тоа сепак не е главниот акцент на работата на семејниот лекар, рече докторката, потенцирајќи дека приоритетно е еден лекар за свои пациенти да ги има сите членови на семејството, да ги знае сите информации за нивната здравствена заштита и да се грижи за квалитетот на здравствените услуги што ќе им ги дава како на свои пациенти. Тоа значи дека матичните лекари во Македонија наскоро ќе треба да станат семејни лекари./У.Ј
