Од општината се чека дозволата за да почне санацијата и реконструкцијата на поранешниот хотел Интернационал
Сопственикот на зградата на поранешниот хотел Интернационал Мите Јовановски ја чека дозволата за санација и реконструкција од општината за да може да почне со реновирање на објектот. Тој вели дека проектот за енергетска ефикасност кој бил неопходен за да се комплетира целокупната документација е предаден пред десетина дена и сега општината треба да ја издаде дозволата. Штом тоа се случи на инвеститорот ќе му требале десетина дена да се организира и да почне со градежните работи.
„Сите проектни документи кои се потребни за санација и реконструција се комплетирани и сега ја чекаме дозволата од општина. Откако ќе ја добиеме ќе можеме за десетина дена да почнеме со реконструкцијата, а тоа значи дека комплетно ќе се реновира внатрешноста на објектот, ќе се мести дограмата и секако надворешниот лик односно фасадата“, рече Јовановски.
Вака одговори сопственикот на Интернационал откако вчера на прес конференција на градоначалникот Чадиев беше поставено новинарско прашање што се случува и до каде е постапката за реконструкција на зградата. Градоначалникот одговори дека веќе истекува рокот од 80 дена кои му биле дадени на Јовановски да започне со санацијата. Тој најави дека за последен пат писмено ќе се обрателе до сопственикот и ќе се презеле сите законски мерки за безбедност на движење на граѓаните.
„Деновиве истекува рокот од 80 дена и ние последен пат писмено ќе се обратиме до сопственикот на хотелот а потоа ќе ги преземеме сите законски мерки што се на располагање во сегментот на отстранување на опасни објекти склони кон паѓање или кои претставуваат опасност за движењето на граѓаните во нашиот град“, рече градоначалникот Чадиев.
Под клуч повеќе од десет години е поранешниот хотел Интернационал. Руиниран и оставен на забот на времето тој стана засолниште на бездомниците и корисниците на дрога. Таков каков што е со години наназад ја грди сликата на центарот на градот. Велешани очекуваат тој во најскоро време да го врати стариот сјај за да ја продолжи традицијата на утринско пиење кафе. Не сакаат повеќе најатрактивната локација во градот да биде грда сенка на нивното секојдневие. Граѓаните очекуваат брза интервенција и на инвеститорот и на локалните власти./Д.С
