Струмичката телевизија „Вис“ во Велес го заврши снимањето на документарниот филм „Танцот на линија“
Eден месец екипата на струмичката телевизија „Вис“ ги откриваше и следеше, со бегалците разговараше а граѓаните во Македонија ги поттикнуваше на нив да не гледаат како на поинакви, поразлични туку како на исти на нас луѓе кои невоља ги поттикнала да бегаат од родната Сирија, Пакистан и другите земји на Блискиот Исток . Како што нив патот во Македонија ги носеше од нивите во валандовско по железничката линија во гевгелиско до Велес така новинарката Сузана Мицева и снимателот Кире Пиличев ги снимаа видео записите. Тие последните кадри, разговори и изјави со бегалците ги снимија во центарот на Велес, на железничката линија Гевгелија – Скопје, пред домот на велешанката Ленче Здравкин која е можеби најголем помагател на бегалците од Блискиот Исток низ Македонија.
Таму со Мицева почнавме да разговараме за бегалската приказна која во нејзиниот документарен филм ќе ја раскажуваат најхрабрите од стотиците бегалци, со кои тие секојдневно се среќаваа во изминатите триесеттина дена. За филмот кој наскоро ќе го ледаат македонските граѓани, ја прашав открија ли кој се и какви се тие луѓе, што ги натерало да тргнат пеш по белиот свет?
„Не можете да ги наречете емигранти или илегалци бидејќи тоа се премногу измачени луѓе кои што буквално спасуваат жива кожа од земјите од каде доаѓаат. Најголемиот дел од нив, што ние ги сретнавме а верувајте тоа се илјада, како река се слеаа во Македонија и тоа пред очите на македонските граѓани, пред очите на полицијата. Тажни се нивните бегалски судбини. Тие бегаат од војни, од завојувани подрачја и места каде бомби им врнат врз главите. Тргнати се со ранец на грб, деца под рака, патуваат со денови и месеци. Имаат различни приказни. Посреќните успеваат да дојдат до Македонија и за една недела но има и такви кои што две или три години минале во соседните на нивната земја. Сретнавме бегалци кои исто толку време живееле во поле, под ведро небо. Други преживеале бродолом или грабежи во различни земји. Но она што го кажуваат е дека сепак за нив една од најризичните држави на рутата кон Европа е Македонија бидејќи се третирани како илегалци. Засега нашиот закон за нив е многу проблематичен. Доколку ги фати македонската полиција ги враќа назад, до првата европска земја односно од земјата од каде влегле во Македонија. Тоа секогаш е Грција како дел од нивниот пат,“ рече Мицева.
Таа раскажувајќи дел од снимените разговори со бегалците рече како тие знаат дека го кршат законот во Македонија но и дека од нас, особено од властите бараат разбирање за нивното поминување низ државава. Во нивните сведоштва има чувство на вина бидејќи не сакаат да создаваат проблеми како и дека се тоа е минорно кога ќе се спореди со ситуацијата во нивните земји, од каде бегаат.
„Расцепкани семејства, уништени домови, пропаднати кариери и животи. Тоа се тажни приказни полни со солзи на кои ние како екипа веќе еден месец сме сведоци. А граѓаните во Гевгелија, кои први секојдневно ги пречекуваат, можат да ви кажат дека бегалската беда во нашава држава трае веќе пет години а се интензивирала во последните две години. Во зима бегалците како да не се толку забележливи но штом се запролети тогаш сите ние ги гледаме почесто,“ рече Мицева.
Објаснувајќи ја целта на телевизијата таа појасни дека преку документарниот филм сакаат да испратат порака до државните институции во Македонија да превземат мерки за се што им се случува на бегалците додека минуваат низ државава.
„Да испратиме порака до државните институции за да почнат да бидат свесни за се што се случува во државата. Не само за сообраќајните или железнички несреќи во кои бегалците гинат туку и за нивната мака предизвикана од Македонци кои ги ограбуваат, манипулираат, тепаат или малтретираат на и онака тешкиот за нив пат. Наша цел е да можеме да извршиме притисок врз институциите да ја забрзаат постапката на промена на законската регулатива, за која долги години се зборува дека треба да претрпи измени. Тие измени да бидат како во соседна Србија каде бегалците се регистрираат на граничен премин и имаат законска обврска за 72 часа транзит да ја поминат државата. При тоа можат да си купат автобуски или билет за воз значи тие не се илегалци туку се бегалци. И тоа е многу битен елемент на целата нивна приказна бидејќи тогаш Македонија нема да биде небезбедна туку една транзитна земја која многу брзо ќе ја минуваат, за неколку часа а тоа за нив ќе значи дека ќе си обезбедат мир. Крајната цел на бегалците не е да стигнат и да останат во Германија туку само да бидат згрижени додека не заврши војната во нивната или нивните земји. Сите сонуваат еден ден да се вратат кај родните огништа,“ рече Мицева.
Екипата на телевизија „Вис“ ги заврши теренските снимања токму со претстојот во Велес. И остана да досними уште неколку разговори со претставници на институциите и граѓански здруженија кои работат на бегалската проблематика. Потоа следи создавањето или монтирањето на приказната за која Мицева вели дека имаат преобемен материјал.
„Голем дел од времето ќе ни одземе и создавањето на музиката бидејќи го ангажираме нашиот голем пријател Горан Кукиќ. Ние немаме посебен буџет, немаме спонзорста и донации туку документарниот филм го создаваме со симболична сума на пари од телевизијата. Затоа ни е значајна помошта на Кукиќ и веруваме дека ќе имаме оригинална музика. Целта ни е овој производ да го види Македонија и Европа. Ќе ја искористам можноста да упатам и една порака. Бидејќи приказната може да се истретира од повеќе агли тогаш повеќе новинари, продукции и телевизии нека се вклучат во обработка на темата зошто така ќе бидеме по ефективни. Ова е глобален проблем и треба да биде по присутен во Европа. Можеби на тој начин надлежните ќе почнат по интензивно да работат на решенија за судбината на овие луѓе,“ рече Мицева.
Автор на документарниот филм е новинарката Сузана Мицева, снимател Кире Пиличев, продуцент Телевизија „Вис“ а работниот наслов е „Танцот на линија“ поттикнат од сагата на бегалците.
Убавка Јаневска
