Имотните граѓани ја поттикнаа изградбата на првиот водовод во Велес
Велес во 20 век , покрај Битола и Скопје, бил еден од најразвиените трговско – индустриски градови во тогашна „Вардарска Бановина“ ,во состав на стара Југославија. Местоположбата на градот, низ кој мине железничката линија и го поврзува на север со Европа и на југ со Солун и Атина, овозможува брз развој на трговијата и изградба на фабрики и други индустриски капацитети. Ѓошо Органџиев со неговите браќа во 1924 година ја изградиле фабриката за масло додека браќата Левкови фабриката за земјени ќумци. Тоа е време кога до Солун биле познати трговските семејства Шукарови, Ѓоргови, Фирфови, Палашеви, Цуракови, Живкови и Јанкови. Во градот бил изграден Монополот, градската читална, библиотеката, градска бања и други објекти што богатите велешани ги виделе и споделиле како искуства од посетите и престојот во Будим, Виена, Лајпциг или Солун. Имотните велешани први ги изградиле големите и убави куќи во кои мебел стигнал од повеќе европски центри. Бидејќи повеќето од нив изграделе бањи во самите куќи се заложиле и за изградба на водовод што во тоа време Велес го немал.
Трговците и фабрикантите во 1929 година му предложиле на тогашниот претседател на градот, Тодор Живковиќ кој веднаш формирал Одбор за изградба на водовод во Велес. На негово барање, тогашната Влада во Белград, одлучила во Велес да го испрати германскиот инжинер Никола Герт со неговата сопруга Марија. Герт со помош на неколкумина професори ги отпочнале испитувањата во и околу градот кој се снабдувал со вода преку маалски чешми поврзани на раштанскиот и на дервенскиот бунар.
За кратко време Велес го добил првиот Елаборат за изградба на Дервенскиот водовод со приклучоци на вода од Теќе и од Босталник. Овој документ потпишан од инж. Никола Герт го содржи проектот според кој во карпестиот долен дел на ридот „Свети Илија“, веднаш до Дервенски поток, биле издупчени 11 бушотини кои по систем на сврзани садови ја собрале водата во еден базен и преку цевковод ја донеле во градот.
Првично за текот на водата биле поставени земјени цевки од фабриката на Левкови, но подоцна по налог на експертот Герт, цевководот продолжил да се гради со „Манесманови“ цевки, купени во Германија. Градот за изградбата на водоводот и пуштањето го ангажирал и инжинер Божидар Нешовиќ.
Така трасата на велешкиот водовод започнувала во близина на „Сали карпа“ потоа преку „Читкушева чешма“ и Стар мост доаѓала до куќата на Ванови. Таму, пред оваа куќа, бил изграден таложникот од кој еден крак бил поставен во правец на Градскиот саат и втор кон училиштето „Свети Кирил и Методиј“ за што особено се залагал градскиот Одбор за изградба на водоводот. Инжинерите морале да проектираат пумпи за да може да се обезбеди доволен притисок во цевководот на вториот крак и водата да се искачи по угорницата покрај куќата на Ванови се до училишната зграда каде биле изградени базен и улична чешма. Потоа од базенот со нов крак и цевковод вода била спроведена и кон долниот дел на Велес се до домовите на семејствата Настови, Алачови, тамошната фурна за леб и соседните куќи.
Од таложникот кај Стар мост вториот крак на водоводот овозможил најнапред вода да добијат семејствата кои живееле од десната страна на централната градска улица како Кончеви, Здравеви, Шукарови и Ѓоргови. Тие својте кужи ги изградиле на потегот од Градскиот саат до стоковната куќа. Потоа на цевководот биле поврзани , неколку хотели и кафеани, зградите на Поштата и на Општината по што вода стигнала и во домовите на семејствата Органџиеви и Палашеви, во близина на плоштад „Саармале“. Следни благодетот на славините од кои протекла чиста и здрава вода за пиење биле куќите на семејствата Фирфови и Петрови.
Од левата страна на централната градска улица први вода во своите домови добиле семејствата Подалешови, Глушкови, Маџуркарови и Начарови како и Орце Црното бидејќи се наоѓале веднаш до поставената водоводна линија кај Стар мост.
Првиот водовод во Велес бил пуштен во 1931 година. Но, Одборот не застанал на ова бидејќи со трет главен крак од Стар мост водата ја насочил во правец на куќите на граѓаните покрај пазарот како и кон неколкуте кафеани и анови. Така на местото на денешната улица „Димитар Влахов“ биле изградени пет чешми од кои со здрава вода се снабдувало целото население во овој дел на градот.
По пет години од почетокот на изградбата на водоводот, околу 1936 година, вода добиле и куќите на улицата од Саармале до училиштето „Свети Кирил и Методиј“, позади сегашниот хотел на „Интернационал“.
За кратко време потоа кон водоводот биле приклучени и тогашната касарна, фабриката за масло на Органџиеви, Монополот, железничката станица и Болницата.
Во Одборот за изградба на „Дервенски водовод“ членувале сите претседатели на општината почнувајќи од 1918 па се до 1935 година кога е формирана привремена општинска управа со претседателот Анѓелко Јанковиќ. Прво избран бил велешанецот Петре Алчевиќ, па од 12 јануари 1921 година должноста претседател ја извршувал Јован Џипуновиќ а него уште истата година го заменил Димитар Коробаровиќ се до 1927 година кога за негов наследник бил избран Томо Совриќ.
Претседател од 1929 до 1931 година бил Тодор Живковиќ а негов наследник станал Ѓошо Органџијевиќ. Во 1934 година избран бил Никола Цураковиќ кој функцијата ја извршувал до формирањето на привремената општинска управа на Велес со претседателот Анѓелко Јанковиќ.
За изградбата на Дервенскиот водовод во Велес биле потрошени 3.679.805.29 тогашни динари.
Дервенскиот водовод функционираше се до осумдесетите години на минатиот век. Тој ги замени познатите Читкушева чешма, Маалска чешма, Прчиева чешма и Солено Чешмиче сите изградени во месноста Којник, потоа Бричкова чешма, двете чешми кои постоеја на горниот и долниот дел од улицата на која се наоѓа спомен куќата на Кочо Рацин, потоа чешмите кај Мало Мегданче и на улицата „Славе Петков“ како и чешмите во месноста Дворови и уште триесеттина други во разни делови на градот. Најголем дел од нив изградени во исто време со канализационата мрежа во турско време.
Стоилко Андреевски
