Велешанецот Трајко Чаушот, налбат над налбатите

Објавено на 5 февруари, 2017 во 07:42

„Налбат бев повеќе децении. Искуството за овој занает го научив од мојот татко кој исто така беше налбат. Татко ми ми велеше: Синко коњот е како човек. Знае кој човек е добар, а кој лош. Ако не го сакаш никогаш нема да бидеш добар налбат и никогаш нема коњот тебе да те сака.“ И навистина е така. Со коњите мора внимателно да се постапува, особено кога се подготвуваат за сечење на копитата и зацврстувањето на потковицата. Коњите го чувствуваат присуството на налбатот и знаат дали тој е добар или лош. Тоа се чудни животни. Налбатите ги сакаат и можеби затоа никогаш немаат со нив проблеми. Зборувам за добрите мајстори.“

(Слободанка со дедото Трајко, фотографирани во дворот на семејната куќа)

Вака всушност започна нашиот разговор во кој професорката по македонски јазик Слободанка Илиевска ја раскажа животна приказна на својот дедо познат голем мајстор и налбат , скачинчанецот Трајко Ѓорѓиев- Чаушот во старата велешка чаршија.

(Мајстор Трајко фотографиран пред налбатскиот дуќан)

Трајко е роден 1906 година и како дете донесен од селото Скачинци. Татко му Јован купил дуќан на горниот дел од денешното пазариште. Покрај дуќанот имале и ан во кој, особено во пазарните денови имало доста добиток, коњи и магариња не само од велешко туку и од овчеполието. Татковиот занает го продолжиле Трајко и неговиот брат Дано долго работејќи заедно. Трајко многу брзо го научил налбатскиот занает. Со татка си често оделе и во поголемите села за да ги потковуваат коњите и заработувале големи пари. Јован со спечалените пари купил куќа во близина на градскиот саат. Станал познат чорбаџија во Велес. Во дуќанот бил налбат, а во чаршијата господин. Секогаш носел паларија, убав костим и скапи наочари. Кога видел дека Трајко и Дано добро работат полека почнал да им го отстапува занаетот. Сепак, за занаетот многу повеќе се интересирал Трајко. Тој во чаршијата се дружел со чираци и калфи од турска националност па така многу брзо го научил и турскиот јазик. Имал голем број добри пријатели Турци и до крајот на животот вратата на неговата куќа секогаш била отворена за нив. Кога се осамостоил и кога се расчуло дека Трајко е голем мајстор, на кого добро му помагале синовите, во неговиот дуќан доаѓале се поголем број на граѓани кои носеле коњи за потковување.

(Мајстор Трајко проверува потковица)

„Дедо ми немаше завршено училиште но, како што ни велеше, имаше чаршиско школо. Секој ден земаше весник, а никогаш не забораваше да ги слуша вестите на радио. Многу сакаше да шета. Имаше пријатели Турци, Грци и други па така еднаш до два пати во месецот одеше кај нив во Солун или Истанбул. Еден ден, како што ми кажуваше дедо, поминал некој германски турист. Бидејќи во тоа време единствениот пат за Гевгелија минувал низ Велес туристот го прашал дедо како да додје до Грција. Дедо ми се впуштил во разговор, на турски, грчки, македонски и некако се разбрале. Германецот го донел и дома каде што останал три дена. После неколку месеци откако заминал, Германецот, му испратил карта за воз да отиде дедо во Германија. Дедо заминал и по цел еден месец се вратил пресреќен зашто неговиот германски пријател го прошетал не само во Германија туку и во други земји.Така го научил и германскиот јазик. Дедо беше строг и принципиелен но, многу чесен и праведен човек. Не сакаше лага. Со работа, со неговите две раце, обезбеди добар живот за своето семејство“, вели внука му Слободанка.

(Мајстор Трајко со сопругата Марија)

Трајко ,за време на владеењето на Кралството на СХС, се оженил со убавата Марија со која има три деца, еден син Љубомир и две ќерки Лепа и Лилјана. Негова желба било синот да заврши училиште па така го испратил да учи во Загреб од каде што по завршувањето се вратил во Велес и се вработил како банкарски службеник. Семејството живеело срекно и сложно. Меѓутоа, времињата се менувале. Во периодот после шеесетите години на минатиот век бројот на добитокот значително се намалил па така Трајко и Дано немале многу работа. Миграцијата село град станала се поприсутна. Велес брзо се проширил. Се изградиле нови куќи и згради. Според тогашниот план на Велес на местото на Анот требало да се гради зграда па затоа им бил одземен, а Трајко и Дано го поделиле дуќанот.

Кога згаснал налбатскиот занает ,Трајко и го изнајмил дуќанот на валандовската фирма „Ангро промет. Потоа заедно со Тосум од Горно Јаболчиште, отвариле продавница на фирмата „Солунска Глава“. Мајстор Трајко работел како продавач се до 1979 година. Поради прераната смрт на неговиот син Љубомир нешто како да се скинало во неговото срце. Се повлекол во себе, но утеха наоѓал што секое утро, со бастунот во рака и паларијата на глава одел во дуќанот. Еден ден во 1983 година, кога се симинувал од Стар Мост, го удрил автобус. Лекарите не можеле да го спасат.

„Го сакав многу дедо ми, а и тој мене многу ми угодуваше. Секогаш кога ќе се вратеше од Солун или Истанбул ми носеше најубави фустани, кондури и што ли уште не. Многу ме сакаше. Никогаш нема да заборавам дека бев внука на еден голем човек, на еден домаќин, чаршиски човек со паларија и златни наочари. Траен спомен ми е прошетката со него, мајка ми и татко ми, во Турција. Незаборавен за мене беше пречекот што му го приредија неговите турски пријатели во Истанбул и во Измир. Се натпреваруваа кој да го покани да им биде гостин. Дедо беше строг човек, но праведен,“ рече Слободанка.

За жал, налбатскиот занает одамна умре во Велес но, никогаш не умре споменот за триесетината велешки налбати меѓу кои еден од нив беше и скачинчанецот Трајко Ѓорѓиев-Чаушот. Во сеќавањата на велешани овој мајстор засекогаш ќе остане како мајсторот што имаше големо срце, полно со добрина.

Стоилко Андреевски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.