„Матиз“ излета од патот во населбата Долни Дуќани и заврши на железничката пруга Скопје – Гевгелија, жителите на населбата бараат поголема заштита
27.12.2020
Во сообраќајката што се случила утрово околу 8:15 часот на патот во велешката населба Долни Дуќани повреден е 46 годишен велешанец кој бил сам во автомобилот марка „Матиз“ што се движел во правец на Стар Мост. Автомобилот прво удрил во бетонски столб, кој служи како ограда од железничката пруга, и потоа се превртел и паднал долу на железничките шини. Жители на оваа населба кои први ја виделе сообраќајната незгода пријавиле во Итна помош.
Според лекарите возачот бил навреме прифатен, прегледан, мобилизиран и транспортиран во Општа болница Велес
-Повикот е регистриран во 8:25 и веднаш лекареки тим се упатил на местото на незгодата. Додека екипата му пружала прва помош на повредениот возач тој бил во свесна состојба. Имал повреда на главата, крварење од нос и болки во коленото. Повредениот веднаш бил транспортиран на Хирушкото одделение во велешка болница за понатамошно добивање на специјалистички здравствени услуги “, рече др Васе Пановска Поп-Стефанова, началник на Итната медицинска помош во Велес.
-Пациентот се здоби со фрактура на шака на едната рака. Прегледан е, направени се повеќе видови на снимања и испитувања. Сепак е задржан на 24 часовна опсервација на Хирушко одделение, рече др Елеонора Јованова портпаролка на Општа болница Велес.
На местото на незгодата полицијата изврши увид. Оштетениот автомобил беше извлечен од шините со дрезина на Македонски железници и пренесен на Железничка станица Велес. Додека траеше извлекувањето на матизот, во прекин беше железничкиот сообраќај во државата. Тој се нормализира по неколку часа.
Местото на денешната сообраќајка е едно од поризичните во Велес како за учесниците во сообраќајот така и за граѓаните. Освен што не е доволно добро обезбедено, недостасуваат железни шипки кои ги поврзуваат цементните столбчиња, во овој дел на Долни Дуќани нема тротоар. Досега многупати жителите од овој дел на Велес бараат општината да им изгради тротоар додека ЈП „Македонски железници“ да постави посигурна заштитна ограда. Тие велат дека до денеска нема реакција како од општината така и од националното железничарско претпријатие.
Убавка Јаневска