И покрај 199 помалку дарувања на крв, во амбулантата на Институтот во Велес оптимисти
23.02.2021
Во првите два месеци во минатата година 570 додека годинава 371 крводарувања се реализираа во амбулантата за крводарување на Институтот во комплексот на велешка болница. Бројката од 2580 граѓани кои минатата година, самоиницијативно доаѓаа и даруваа крв во оваа амбуланта говори за изградена јавна свест на велешани за хуманост што спасува човечки животи. Затоа 199-те помалку крводарувања во споредба со истиот период во минатата година за лекарите и лаборантите воопшто не претставуваат повод за загриженост.
– Во градот Велес состојбата со крводарителството, морам да кажам дека е одлична, со оглед и на корона кризата, имаме прилично голем број на дарители иако дарувањето се спроведува само во два дена, во понеделник и во четврток. Тоа е така поради транспорт на крвта, бидејќи за да биде безбеден транспортот мора да се обезбедат и безбедни услуги, само во тие два дена кога се зема крв во Велес, рече доктор Кире Тодоров.
Крвта се зема од граѓаните и се испраќа во Скопје со цел да се испита а потоа во зависност од потербите да се препрати до болниците низ целата земја. По овој редослед се задоволува потреба со крвна плазма и на Општа болница Велес.
-Имаме доволно резерви на крв, не се случило до сега да имаме недостаток односно да не може да се задоволи потребата на пациентите. Секогаш болниците се обезбедени со доволно крв за нивните потреби. Вообичаено бројката на крводарители кои доаѓаат секој понеделник и четврток не е помала од 25 и најчесто се движи до 30 крводарувања. Пред некоја недела имавме и 40 крводарувања во еден ден, додаде Тодоров.
Во Велес многу повеќе мажите даруваат крв но како што велат од Институтот за трансфузиона медицина тоа е нормално, бидејќи во крвта на мажите има повеќе хемоглобин. Крв може да дарува секој граѓанин од 18 до 65 години. Мажите дарувањето може да го практикуваат на секои три месеци или вкупно четири пати во годината додека жените може да даруваат крв на четири месеци или вкупно три пати во текот на една година. Како најретка крвна плазма се издвојува крвната група АБ негатив која што помалку од 1% ја има помеѓу популацијата.
Лекарите и лаборантите во Велес апелираат хуманоста да не запре или да не се намали. Секој што дарува крв спасува живот и тоа не само еден од еден крводарител затоа што при преработувањето крвта се дели на повеќе елементи како што се еритроци односно црвени крвни зрнца, се издвојува плазма, некогаш и тромбоцити, а сите компоненти се употребува за различни видови болести кај различни граѓани.
Стефани Манева