Отворена иновативна лабораторија за технолошки производи на Технолошко технички факултет во Велес
23.02.2021
Апарати за анализа на протеини, за автоматизирана анализа на масти и инструмент за определување на активитетот на водата за определување на рокот на траење на производите се трите нови апарати што се набавени за потребите на лабораторијата на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Со нив всушност лабораторијата се разви во Прехрамбено – технолошки центар за развој на иновативни продукти.
-Опремата може да ја користи и приватниот сектор во прехрамбената индустрија во регионот за истражувачки дејности, за иновации итн. Ова е еден вид на јавно приватно партнерство што ние секогаш го поддржуваме и поттикнуваме, рече Сибил Сутер, Амбасадорка на Швајцарија.
Центарот е формиран со финансиска поддршка на швајцарската Агенција за развој и соработка во Северна Македонија во висина од 2 милиони денари преку министерство за локална самоуправа.
-Ќе му служи на приватниот сектор но и на образованието. Правиме спој помеѓу образование и претприемништво каде ги оспособуваме студентите со практична настава или тоа што е неопходно при нивната работа во приватниот сектор да бидат обучени.Лабораторијата ќе можат да ја користат над 260 студенти и да работат за потребите на приватните фирми или по нивното дипломирање фирмите да добијат обучена работна сила, рече Горан Милевски министер за локална самоуправа.
Притоа, Центарот има улога на партнер за компаниите во процесот на развојот на иновативни продукти или подобрување на постоечките производи и технологии. Услугите на Центарот ќе бидат достапни и за заинтересираните дипломирани и актуелни студенти на сите три циклуси студии, кои се мотивирани да ги подобрат своите стручни перформанси и претприемачки потенцијал со цел да започнат сопствен бизнис.
-Искрено верувам дека современата опрема набавена во рамките на проектот ќе помогне во подобрувањето на стандардите за квалитет на суровините и прехрамбените намирници и на регионално и на национално ниво и ќе им отвори на нашите компании уште поголеми можности за пласман на производите на домашниот и странскиот пазар“, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
-Воспоставувањето на Прехранбено-технолошкиот центар ќе резултира со зголемена понуда на нови прехранбени производи со посебни нутритивни и функционални карактеристики, произведени според барањата на современиот потрошувач, кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашниот и странскиот пазарот“, рече деканката на факултетот, Татјана Калевска.
Во прехранбено-технолошкиот центар можат да се добијат и стручни совети за поттикнување на иновативните производи особено во прехранбениот сектор, лабораториски анализи на суровини и прехранбени производи, стручна помош при подготовка на проектни апликации, совети од секојдневната пракса при имплементација на иновативната технологија.
-Драго ми е што, успеавме да го имплементираме овој проект, од кој бенефит ќе имаат фирмите во регионот. Особено е важна поддршката за компаниите во прехрамбениот сектор, во пост-ковид периодот, во кој треба да зборуваме за реален раст, а не само за преживување. Раст, кој е возможен само преку иновации и понуда на нови производи, согласно потребите на новите генерации потрошувачи“, рече в.д. раководителот на ЦР Вардарски плански регион Игор Андреев.
Инаку, Центарот претставува долгорочен стратешки инструмент за поддршка на регионалниот економски развој и конкурентноста во Вардарскиот плански регион преку продлабочување на соработката помеѓу бизнис заедницата од прехранбениот сектор и факултетот.