Велешани ќе засадат 200 илјади багреми на Денот на дрвото
Двеста илјади багреми и зимзелени растенија, велешани утре ќе посадат во рамки на акцијата Ден на дрвото-засади ја својата иднина.
Ќе се пошумат вкупно 53 хектари површина и тоа 42 хектари во близина на Оризари, а останатите 11 на патот кон езеро Младост, во близина на Башино Село.
„Ќе се пошумува на овие две места бидејќи сметаме дека таму во моментов е најпотребно да се засадат дрвца, рече Горан Наунчев, директор на Шумско стопанство „Бабуна“.
На веќе традиционалната акција за пошумување, во најголем број присуствуваат учениците, претставници на јавни претпријатија, невладиниот сектор. Но можност да учествува во неа и да засади барем едно дрвце и да придонесе за Позелена Македонија имаат сите граѓани.
„Граѓаните кои сакаат утре да им се придружат тоа можат да го направат во два термина, од 08.30 и 10.30 часот. Автобусите поаѓаат од три локации. Центарот на градот, кај ЕВН и средното училиште Коле Неделковски, вели Билјана Шуркова – Манаскова, општински инспектор за животна средина.
Утрешниот ден, 27 ноември е неработен. Ќе се одработи во друг термин.