Две години затвор за директорот на музејот, пресуди велешкиот суд!
Две години затвор доби директорот на велешкиот музеј бидејќи украде две монети од збирката во културната институција.
Судијката Тања Милевска го прогласи за виновен Петре Костов откако тој го призна делото тешка кражба, но и ги врати монетите назад. Пред судот Костов се покаа за стореното и за срамот што му го нанел на семејството и на колегите.
Токму вработените кустоси и чуварот сведочеа на единственото рочиште кое се одржа во велешкиот суд. Според обвинението директорот летово додека археологот бил на семинар во странство влегол во канцеларијата и ги земал монетите тертрадрахма кој датираат од времето на Александар Македонски, а кои се подготвуваа да бидат дел од изложба. Тие стоеле во бирото во сеф, тој го отклучил и ги однел дома. Откако на 17 ти Јули случајот беше пријавен во полиција и откриен сторителот, директорот го призна делото и ги врати украдените предмети. Бидејќи нема штета, а осудениот нема никаква корист неговиот бранител најави жалба.
Директорот пак е ослободен од притвор. Не смее да замине од градот и има обврска да се јавува пред велешкиот суд, се до одслужувањето на затворската казна во која му е пресметано и времето поминато во притвор./Б.Н