Иванов:Велешани не заслужуваат ветувања кои не се реализираат
Во интерес на граѓаните, мора да се напомене дека и вториот ребаланс е последица на немање пари, пред се поради слабото полнење на буџетот на Општина Велес, што е исто така одговорност на локалната власт, истакна опозицијата.
Советникот на СДСМ, Панче Иванов соопшти дека основниот буџет на општината е намален за 36.400.000 денари и тоа по основ на две значајни ставки, даночни и капитални приходи. Кај даночнитеприходи намалувањето е за околу 27.700.000 денари додека капиталните приходи се намалени за околу 9.500.000 милиони денари.
– Во една од главните поточно носечки програми или програмата за градежно земјиште, со двете кратења, односно со двата ребаланса, нема да се реализираат многу предвидени проекти. Со овој ребаланс, се скратија пари за урбанистичко планирање, пола милион денари помалку пари за уредување на просторот во селата Мамутчево, Бузалково, Црквино, Сујаклари, Оризари и Иванковци, рече Иванов.
Опозицијата тврди дека 2.100.000 денари помалку пари се предвидени за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режимот на сообраќај, 1.000.000 денари помалку пари за интервентно бетонирање на потпорни ѕидови, 600.000 денари помалку пари за чистење и одржување на патниот заштитен појас на општинските патишта и улици.
Според Иванов ребалансот значи дека ќе остане недоизградена улицата Крсте Мисирков, спојот на улиците Невена Георгиева Дуња до спојот со улицата Живко Фирфов, обиколниот пат Велес – Башино село нема да се асвалтира годинава, кракот на улица Тодор Јанев нема да се изведува, во населбата Хабитат нема да се прави потпорен ѕид .
– И на крај на сето ова, замислете, добиваме одговор дека се што е ветено е остварено. Навистина се прашуваме, како може локалната власт на ВМРО ДПМНЕ да кажува дека се што е ветено е остварено, кога два пати годинава крати пари за проекти предвидени за 2013 година, кои со самото носење на буџетот ги ветила пред граѓаните, рече Иванов.
Тој одговори на прозивката од ВМРО ДПМНЕ зошто не гласеле за програмата за уредување на градежно земјиште за 2014-та година. Иванов рече дека не само што власта не ги прифатила нивните амандмани туку искуството од годинешниот буџет покажало дека бил нереален па со ребалансите се скратиле многу проекти а велешани не заслужуваат само ветувања кои потоа не се реализираат.