Велешанка бара министерот за здравство да ја исправи неправдата на инвалидската комисија врз нејзиниот сопруг
За два месеци, два животни порази доживеа педесет и осум годишниот Јосе Крстев од Велес. Прво го изгуби синот во несреќа што се случи на бродоградилиште во Црна гора a два месеци потоа комисијата му ја укина и времената инвалидска пензија.
Сопругата Драгица го гледа и негува Јосе. Сега тие преживуваат со помошта што ја добиваат за нега на болно лице. Од четирите илјади денари треба да купат лекови, да се прехранат, да платат комуналии и ќирија. Јосе има склероза,сам не може да се храни, се задавува бидејќи откажува ждрелото, не се движи и едвај го носам до тоалет, раскажува Драгица. Ги извади документите со кои во септември годинава барале продолжување на пензијата. Има снимки на ЦД кои прикажуваат оштетување на мозокот а лекарите неуропсихијатри констатирале склероза. Од медицинската документација може да се види дека човекот е опериран од канцер на нос и треба да продолжи цо лекување.
– Немам пари за да го хранам и негувам. Лекови не можам да му купам. На гробот на син ми не сум отишла еден месец оти е далеку, нема превоз а такси неможам да платам, рече Драгица. Плачеше и тешко воздивнуваше. Нејзините солзи ги гледаше и Јосе.
– Не разбира што се случува. Тој со месеци не проговорил. Така си седи и молчи, ако му дадеш да јаде добро ако не, тоа е, рече Драгица.
Таа не е задоволна од контролниот преглед на комисијата за инвалидска пензија. Таму биле во септември. Истите лекари кои пред две години му одобриле сега му ја укинаа времената инвалидска пензија иако Јосе дополнително добил и валенбергов синдром.
– Незнам кај да се обратам. Се јавив и кај министерот за здравство и не ми одговорија а само сакав да ја испратам медицинската документација за да ја разгледа. Го молам да ме прими, ќе однесам се што имаме па нека види дали е во ред ваков човек, со овие болести да биде способен за работа, Драгица.
Таа напишала жалба и се жали на второстепена комисија. Одлуката одтаму и е многу важна. Ако го преиначат ставот на инвалидската комисија тогаш ќе значи дека таа и Јосе ќе можат да преживеат а во спротивно ќе останат и без станот во кој живеат под ќирија./Б.Н
