Непрописно паркиран џип блокираше дел од населба Дворови
Возачот на ова возило денеска им создаде проблем на дел од жителите во населбата Дворови. Паркираниот џипот на улица, пред малата галарија на влезот во населбата, повеќе часови во денот го блокираше сообраќајот за излез и влез во населбата.
Тоа создаде револт кај возачите на автомобили кои мораа да се спровираат низ тесните сокаци за да дојдат до вториот излез од населбата, низ големата галарија. Најупорните организираа и потрага. Возачот на џипот се бараше низ просториите во експозитурите на банките, во зградата на основниот суд, во основното музичко училиште, низ околните кафетерии и продавници.
Некој од граѓаните рекоа дека станува збор за жена која ја забележале како со џипот влегла во населбата преку железничкиот премин. Дел од возачите рекоа дека ќе повикаат полиција.
– Се двоумам дали да извозам низ околните улици во Дворови и да дојдам од страната на овој џип и да го паркирам веднаш позади него, рече жител на населбата.
– Неможам да сватам како можеше да се паркира на улица, ај да е балканец па да констатирам дека ,„толку умот му сечел“ ама ова е џип со странска регистерска табличка, на земја од ЕУ, бесно коментираше друг жител на населбата.
Поради близината на судот и банките во овој центарлен дел на Велес многу тешко се обезбедува место за паркирање. Во работниот дел од денот влезот во населбата, плоштадката пред црковно народната кујна, просторот за паркирање кон Железен мост се постојано полни со автомобили. Дополнителна гужва се создава и од возачите кои бараат и не можат да најдат место на кое ќе го остават возилото за да завршат обврски во институциите./Б.Н