Половина велешки гимназијалци, од утре, ќе учат во средното економско
Ќе се поправаат подовите на четиринаесет училници во гимназијата „Кочо Рацин“. Поправките на двата ката во училишната зграда почнуваат утре, вторник 19-ти ноември. Вкупно 375 ученици во прва и втора година ќе се преселат во економското „Јовче Тесличков“ и таму ќе ја посетуваат наставата. Тие ќе одат на училиште во попладневната смена додека само претпладне ќе учат учениците на економското училиште.
– Во зградата на економското училиште заминуваат и дел од стручната служба, техничкиот персонал и обезбедувањето на гимназијата. Така ќе биде до крајот на првото полугодие додека се поправат училниците. Се надеваме дека на почетокот на второто полугодие сите ученици ќе учат во реновирани училници на гимназијата, рече директорот Сашко Андреевски.
Во зградата на гимназијата ќе останат да учат учениците од трета и четврта година. Додека трае реконструкцијата тие ќе одат на училиште во прва а учениците од хемиското училиште во втора смена.
Овие две средни училишта во Велес функционираат во еден поголем објект и меѓусебно делат простор. Во блокот од лево функционира гимназијата додека во блокот од десната страна на објектот функционира хемиското училиште.
Со пари на министерството за образование во јуни годинава започна реконструкцијата на гимназискиот дел во објектот. Сменети се прозорците и поправен е покривот. Сега на зградата се става фасада и од утре ќе почне реконструкцијата на подовите во училниците на двата ката.
Екс министерот Панче Кралев на промоцијата на проектот за реконструкција на зградата, во јуни годинава, уверуваше дека се ќе заврши за време на летниот распуст. Денеска директорот на гимназијата Сашко Андреевски рече дека станува збор за поголем проект за чиј втор дел се користат сретства на министерството и банката на Европскиот совет па тендерската постапка ги оддолжила роковите. Сега Андреевски вели дека избраниот изведувач на градежните обврски има рок од шест месеци во кој ќе мора да ја заврши реконструкцијата на училниците.