Шалтер за регистрација на возила остана неколку часа без службеник
На работниот му се влошило здравјето и со брза помош бил префрлен во велешката болница. Тоа било причина неколку часа денеска да не работи полицискиот шалтер за регистрација на возила во Здружението на возачи. Граѓаните кои чекале раскажаа дека се создала гужва и редици. Дел од нив си заминале но поупорните и оние кои не можеле да одлагаат за друг ден останале и чекале.
„ Чекав четири часа и кога се случи тоа за кратко заминав бидејки не информираа дека ќе му најдат замена. Еве тука сум повторно и чекам ред. Овде подолго време има гужва бидејки голем е бројот на граѓани кои имаат возила и мислам дека двајца службеници се малку а камоли еден да не опслужува сите,“ рече велешанец.
„ Дваесет дена не можам да завршам работа и да го префрлам моторот што го купив во Бугарија на мое име. Велешанец сум и живеам во Скопје. Шести пат доаѓам бидејки само на овој шалтер од цела Македонија ми бараат некаква мала дозвола без која не можам да станам сопственик на новиот мотор. Во Скопје, Неготино и во други градови ми рекоа дека не ми треба ама овде се упорни и без таа мала дозвола не ми го префрлаат моторот. Советник во министерството им се јави и објасни каква е постапката но за џабе е и незнам што да правам и како да постапам, рече велешанец.
„Јас сум тука од сабајле и еве скоро ми дојде редот. Се надевам дека брзо ќе завршам. Многу гужва има и не е само денеска вака,“ рече велешанец.
Напладне шалтерот работеше со две службенички на СВР Велес. Според портпаролката, Анита Стојковска прекинот траел кратко време и работата продолжила веднаш штом раководителката на службата обезбедила работници. Ситуацијата дополнително се искомплицирала бидејки службениците морале да го искористат ланскиот одмор. Затоа на шалтерот во Здружение на возачи деновиве работел само еден службеник.
Освен овој шалтер, на кој се регистрираат возила од двата центри во градот на Здружение на возачи, полициски шалтер има и во АМСМ. И тој денеска не работел поради користење на ланскиот годишен одмор на службеникот.
Граѓани кои во понеделникот регистрирале возила рекоа дека биле 68- ми на ред. Сите документи минеле низ рацете на еден службеник. Тогаш тие се изначекале а денеска ја коментираа постапката низ која поминува секое моторно возило и рекоа дека е преоптоварена со документи, особено при пренос од еден на друг сопственик. Истото важи и за возилата на фирмите.
