СДСМ:Локалната власт да почне да ги решава реалните проблеми на граѓаните а не да се занимава со нас
Додека локалната власт ветува економска преродба и отворање на нови индустриски зони, постоечките во градот останаа празни.
И додека централната власт се расфрла со празни ветувања и троши народни пари за разни роуд шоуа, локалната власт покажа неспособност да привлече барем еден посериозен инвеститор во градот, обвинија од СДСМ. Токму затоа според нив, над осумдесет проценти од младите велешани, не гледајќи никаков просперитет сакаат да го напуштат градот. Опозицијата ја обвини власта дека ја испушти германската компанија за производство на автомобилски делови Дрекселмаер и не прави ништо да привлече ниту една голема инвестиција.
„ Сега сме сведоци дека и туниската компанија за производство на кабли “Кофикаб” ќе гради фабрика во близина на фабриката „Дрекселмаер“, што значи дека Велес повторно ќе биде заобиколен. Велешани дупло ја плаќаат цената за неспособноста на локалната власт да привлече инвестиции во градот“, рече Иван Белевски, СДСМ.
Сепак опозицијата се надева дека власта конечно ќе почне со реализација на големите ветувања, затоа што како што велат велешани и понатаму ќе живеат во голема сиромаштија и егзистенција ќе бараат надвор од градот па дури и од државата.
„Бевме сведоци на големи ветувања, но од сето тоа остана само едно големо Ќе. Искрено се надеваме дека власта ќе донесе некој посериозен инвеститор во градов, марем малку да се подобри економската слика“, рече Белевски.
Затоа опозицијата и порача на власта повеќе да не се занимава со неа туку да почне да ги решава реалните проблеми на граѓаните./Б.Н