Со видео надзор и построги критериуми до возачка дозвола

Објавено на 7 февруари, 2014 во 14:00

До сега кај теоретскиот а од денеска под видео надзор се става и практичниот дел од полагањето на возачки испит. Се снимаат вежбите на кандидатите на полигон но и полагањето низ улиците во градовите. Времетраењето на овој дел од испитот наместо како досега до 15 се зголемува на 40 минути. Исто така воведени се и нови вежби и построги критериуми за добивање на возачка дозвола.

– Секој кандидат за возач, за своја но и за контрола на функционирањето на комисиите, доколку е незадоволен од исходот на испитот ќе може да види дали има некакви отстапи по однос на она што е дадено како финална оценка. Зголеменото времетраење на испитниот дел во градски услови е во согласност со европските директиви. Тоа е доволно за отценување на сообраќајните познавања и правила од страна на кандидатот кој полага, рече министерот за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Таа денеска присуствуваше на полагање на практичен  испит за возачка дозвола во испитниот центар на Здружението на возачи во Велес.  Соопшти дека воведувањето на построгите критериуми има за цел да влијае на општата состојба со безбедноста на сообраќајот на патиштата во Македонија.

– За жал гледајќи ја статистиката со состојбите во сообраќајот тие не ни одат во прилог односно констатираме зголемување на бројот на жртви во сообраќајот. За надминување на еден ваков негативен тренд неопходно е да работиме на обуката на возачите, да имаме добро обучени возачи  а испитувањето да биде на максимално професионален начин. МВР делува и на превентивен план односно подигање на свеста за совесно однесување во сообраќајот. И на крај нема да заборавам да споменам дека ќе продолжиме и со репресивните мерки односно казнување на несовесните возачи, рече Јанкуловска.

Цената на полагање на возачки испит останува како и досега./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.