Театарската трупа “Словото” задоволна од промоцијата во Словенија

Објавено на 27 ноември, 2013 во 08:58

–  Брзо симнувај се со мене до наставничката канцеларија, да ги прашаме наставниците кој е во автобусот пред нашето училиште. Во него се Македонци бидејќи регистрацијата е македонска а и натписот е на македонска фирма. Така дознавме каде сте и еве со Вас сме и многу сме среќни, ракажуваше Благојче ученик во ОУ „Јожета Мошкрича“ од Љубљана.

Тој пред неколку години дошол во главниот град на Словенија  каде неговите родители се вработиле. Благојче и останатите четворица ученици, кои се Македонци, во еден здив ја проследија театарската престава „Од деца за децата“ што ја изведоа членовите на театарската трупа „Словото“ од Велес а потоа се подружија со младите актери и ги испратија мавтајки се додека автобусот не излезе од школскиот двор.

Претходно, гостопримство и почит кон гостите од македонскиот град Велес, искажаа учениците и наставниците на основното училиште „Карла Дестовника Кајуха“, во Љубљана. И пред нив беше одиграна театарската претстава која има за цел приближување на дел од  филантропските вредности на македонскиот и словенечки народ.

Тоа се мултинационални и мултикултурни деветолетки во кои учат ученици од повеќе народности. Директорката на ОУ  „Карла Дестовника Кајуха“,Соња Шорли рече дека во ова училиште учат пет ученици родени во Македонија

– Навистина ми е драго што бевте наши гости и ми се допадна претставата особено што младите актери говореа на македонски и на словенечки јазик. Испративте силни пораки и тоа е добро. Пред осум години не посети играорната група „Оро “од Јесенице и ќе ви кажам дека во нашето училиште вашиот македонски јазик го имаме како изборен предмет, рече Шорли.

Нејзиниот колега, наставникот по физичка култура, дојде за да поразговара за Македонија затоа што во 1978 година служел воен рок во Охрид и во Скопје. Тој раскажа за убавите спомени кои биле причина пред четири години да летува во Охрид и вети дека ќе дојде и в година.

Во неколку часовниот престој на театарската трупа „Словото“ во ова училиште домаќин на младите актери беше Мерита Суфовска која е родена во Прилеп а сега учи и живее во Љубљана. Таа и нејзините другарки Ванеса Јурнеј, Истеро Горивец и Даниела Бернарда ги однесоа актерите во трепезаријата на училиштето и се дружеа додека траеше закуската што ја организираа домаќините.

На збогување падна и ветување дека пријателствата ќе продолжат на друштвената мрежа Фејсбук .

Актерката Весна Димитрова Бобевски смета дека преку ваква размена на идеи треба да се соработува на повеќе полња кои се од взаемен интерес на двата народа.

–  Така преку соработка и осознавање на различностите ќе се откријат и сличностите на двата народа и двете култури. Озарените лица на нашите домаќини и интересот со кој ја следеа преставата во која Македонците говореа и на словенечки јазик, пријателствата што се склопија за време на неколку часовниот претстој во училиштата, тоа беше она што јас го очекував за време на дводневниот престој на актерската трупа и нивните врсници во Словенија. Емотивната реакција пак на нашите Македончиња ме трогна и особено ми причини задоволство што наставниците и директорите соопштија дека се фасцинирани од она што го видоа, рече Димитрова Бобевски.

Младите актери од трупата „Словото“ уште на враќање кон Македонија се договорија дека веднаш продолжуваат со проби бидејќи на почетокот на месецот ќе се случи македонската премиера на нивната претстава „Чекори кон Европа, Словенија- Македонија“. Тоа е проект поддржан од амбасадата на Република Словенија во Македонија.

Театарската трупа „Словото“ во Словенија учествуваше и на настанот Македонска современа авторска приказна во организација на Соња Цекова Стојаноска од  МФГ „Калина“ од СКД „Модрин“ во рамките на проектот Дете & деца (Otrok & Оtroci) што годинава се одржа на сцената Да го вкусиме зборот (Pokusimo besedo) на Друштвото на словенечки писатели на 29-иот словенечки саем на книгата во Цанкарјев дом, Љубљана.

Екипа на Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.